| Отпор во ЕУ го доведува во прашање планот за користење на руските пари за Украина |
Европската Унија се соочува со нови предизвици бидејќи се чини дека планот за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на војната во Украина нема да може да се спроведе. Чешка официјално објави дека се придружила на групата земји кои се противат на користењето на замрзнатите руски средства за да ѝ се позајмат на Украина 210 милијарди евра. Претходно, Италија, Малта и Бугарија се придружија на Белгија во спротивставувањето на префрлање на замрзнатите руски средства во Украина.
Одлуката на Италија го промени дипломатскиот баланс на моќ со подготовка на документ, заедно со Белгија, Малта и Бугарија, со кој се повикува Комисијата да разгледа алтернативни опции за финансирање на Украина без користење на руски средства во наредните години“, објави бриселски „Политико.
Четирите земји изјавија дека „ги повикуваат Европската комисија и Европскиот совет да продолжат да истражуваат и дискутираат за алтернативни опции, во согласност со правото на ЕУ и меѓународното право, со предвидливи параметри и значително пониски ризици, за да ги задоволат финансиските потреби на Украина – врз основа на кредитна линија од ЕУ или привремени решенија“.
Нивната јавна критика ги поткопува надежите на Европската комисија за финализирање на договор за експропријација на замрзнати руски средства помалку од една недела пред клучниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел закажан за 18-19 декември.
„Се согласуваме со белгискиот премиер дека Европската комисија мора да најде други начини за финансирање на Украина. Нашите буџети се празни, а секоја круна што ја имаме треба да биде насочена кон нашите граѓани“, изјави новоизбраниот чешки премиер Андреј Бабиш.
Овој став на Чешка, според бриселскиот портал, дополнително ја поддржува Белгија, која се спротивставува на користењето на овие резерви како средства за таканаречен заем за репарација за Украина.
Претходно во петокот сите земји-членки на ЕУ, освен две, преку писмена постапка ја одобрија одлуката за трајно замрзнување на руските средства, што е клучен предуслов за одобрување на репарациски заем за Украина.
Европската унија (ЕУ) ги замрзна руските средства во Европа во вредност од 210 милијарди евра на неодредено време, сè додека земјата не ѝ плати воени репарации на Украина. Со тоа Европската унија создаде важна основа за користење на руските државни пари во корист на Украина: 25 од 27-те земји-членки гласаа запленетите руски пари во ЕУ, таму и да останат – на неодредено време. Само Унгарија и Словачка, кои се сметаат за поблиски до Москва, гласаа против.
Одлуката има за цел да спречи некоја земја-членка да стави вето на одлуките на ЕУ за санкции против Русија за да обезбеди ослободување на замрзнатите средства. Моментално, средствата на руската централна банка се замрзнати врз основа на одлуките за санкции на ЕУ, кои мора да се продолжуваат – едногласно на секои шест месеци. Оваа регулатива се смета за пречка за планот за користење на овие средства за долгорочни заеми за Украина, со можност за нивно враќање во Русија само ако земјата, по завршувањето на агресивната војна против Украина, плати воени репарации, пишува Дојче веле.
Имено, неопределеното замрзнување на средствата треба да ја убеди Белгија да го поддржи планот на ЕУ да користи дел од замрзнатите руски средства за да одобри заем за Украина до 165 милијарди евра – за покривање на нејзините воени и цивилни буџетски потреби во 2026 и 2027 година. Без Белгија, спроведувањето на овој план се смета за исклучително тешко, бидејќи убедливо најголемиот дел од руските средства што треба да се користат за Украина се управувани од белгискиот Еуроклеар, каде што се чуваат околу 185 од вкупно 210 милијарди евра руски државни пари во ЕУ.
Москва ќе преземе акција како одговор на замрзнувањето на руските средства од страна на Европската Унија, предупреди во саботата портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, додавајќи дека одговорот ќе биде моментален и дека руската централна банка веќе преземала конкретни чекори.
Захарова додаде дека на политиката на Брисел кон Москва и недостасува логика, и наликува на театар на апсурдот.
„Располагањето со нашите суверени средства без согласност на Руската Федерација, без разлика дали станува збор за неопределено блокирање, конфискација или обид да се претстави фактичкото запленување на овие средства како некаков вид репарациски заем, е апсолутно нелегален чин што грубо го крши меѓународното право“, нагласи таа.
Централната банка на Русија поднесе тужба против одлуката во врска со руските средства, нарекувајќи го планот на Европската комисија за нивно користење нелегален и задржувајќи го правото да ги брани своите интереси и да ги оспори постапките на ЕК пред надлежните институции, пренесува РИА.
За да ги запленат руските пари на неодредено време, Германија и земјите од ЕУ кои гласаа „за“ – се повикуваат на член 122 од Договорот за ЕУ. Тој предвидува дека во случај на сериозни економски проблеми во ЕУ, соодветни мерки можат да се донесат со таканаречено квалификувано мнозинство – а не едногласно.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат на 18 декември за да ги финализираат деталите за механизмот за заем за репарации и да ги решат преостанатите прашања, вклучувајќи ги и гаранциите од сите земји-членки до Белгија дека нема сама да ги сноси трошоците доколку Москва добие каква било судска постапка.












