недела, јули 12, 2026
Дома БАЛКАН ЕУ ги става Црногорците на маки – печењето ракија во казан може...

ЕУ ги става Црногорците на маки – печењето ракија во казан може скапо да ги чини, а ќе плаќаат акциза и на струјата

146
EPA/GEORGI LICOVSKI

Од земјите на Западен Балкан, Црна Гора е најблизу до влез во Европската Унија. Властите веќе го подготвуваат теренот носејќи нови закони, а содржината на дел од нив не им е по мерка на граѓаните.

Таков, на пример, е новиот закон за акцизи, кој во нацрт- верзија сега е на јавна расправа. Со тој закон, кој ќе почне да се применува кога државата ќе влезе во ЕУ, особено ќе бидат погодени граѓаните што ракијата си ја печат дома, во казан, а вишокот го продаваат. Како што пишува „Вијести“, сегашната верзија на законот предвидува сите мали приватни производители на жестоки пијалаци, на пример, ракија, да се регистрираат кај Царинската управа и да дадат информации за казанот во кој печат, дури и ако произведуваат минимални количества, само за себе. За производство до 50 литри годишно нема да се плаќа акциза, но тоа количество ќе смее да се користи во рамките на домаќинството и за гости, додека продажбата е забранета. Оние што печат повеќе од 50 литри, ќе мора да се регистрираат како дестилерија, без разлика дали ракијата им е за домашна употреба или за продажба, а за секој литар над 50 литри ќе плаќаат акциза. Предвидена е акциза како сегашната, 1.250 евра за 100 литри алкохол од 100 степени, што значи дека за литар ракија од 50 степени ќе се плаќаат по 6,25 евра.

– За мал производител на силни алкохолни пијалаци се смета физичко лице кое произведува силен алкохолен пијалак од овошје што тоа лице го одгледува и го набавува од земјиште кое е во негова сопственост или под закуп со помош на едноставен мал уред за дестилација – котел, и може да произведе максимум 50 литри силен алкохолен пијалак од овошје годишно по домаќинство и да го користи за сопствена потрошувачка и за потрошувачка на членовите на неговото домаќинство или неговите гости. Мал производител кој произведува силни алкохолни пијалаци од овошје во количество што не надминува 50 литри годишно не пресметува и не плаќа акциза, се наведува во предлог-законот.

За непочитување на обврските, следува конфискација на опремата, на ракијата и наплата на акциза за целото количество произведен пијалак.

Овој нацрт-закон предвидува акциза и за електрична енергија, која ќе биде дел од сметката за струја на сите потрошувачи. За индустриската струја, акцизата би била 0,5, а за домаќинствата едно евро за мегават-час. Тоа значи дека за просечна потрошувачка на струја од 500 киловат-часови, акцизата за домаќинствата би изнесувала половина евро. Исто така, се намалува можноста за интервенција на Владата во цената на горивата во случај тие значително да поскапат на светскиот пазар. Ако сега црногорската Влада има одврзани раце во таква ситуација привремено да ја преполови акцизата, по влезот во ЕУ намалувањето ќе може да биде до 25 или до 35 проценти.

 

 

ИЗДВОЕНИ