Европската комисија во понеделник им презентираше на земјите-членки список на можни контрамерки во вредност од околу 72 милијарди евра од американскиот извоз во ЕУ, во случај САД да ја остварат својата закана за воведување тарифи од 30 проценти на увозот од ЕУ.
„Денес, Комисијата им презентираше на земјите-членки предлог за втор список на производи во вредност од околу 72 милијарди евра од американскиот увоз“, изјави комесарот за трговија Марош Шефчовиќ по состанокот на министрите за трговија на ЕУ.
Комисијата претходно предложи контрамерки во вредност од 95 милијарди евра од увозот на ЕУ од САД, но сега предлага нов список на производи во вредност од 72 милијарди евра.
Список на производи во вредност од 21 милијарда евра беше усвоен претходно како контрамерка на американските тарифи за алуминиум и челик.
Веднаш по неговото усвојување, тој беше суспендиран до денес за да се овозможи преговорите да најдат решение без влегување во трговска војна.
Бидејќи претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така, го продолжи рокот за тарифи за ЕУ до 1 август, Комисијата повторно го одложи и овој пакет контрамерки до почетокот на следниот месец.
„Мораме да бидеме подготвени за сите исходи, вклучително и, доколку е потребно, добро осмислен предлог за мерки за враќање на рамнотежата во нашите трансатлантски односи. Нашите мерки за ребалансирање во однос на челикот и алуминиумот се суспендирани до почетокот на август. И денес Комисијата сподели со земјите-членки предлог за втор список на стоки што сочинуваат увоз од САД во вредност од околу 72 милијарди евра“, рече Шефчовиќ.
Претседавачот на Советот, данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, рече дека земјите-членки се обединети и го поддржуваат пристапот на Европската комисија.
„ЕУ останува подготвена да одговори, вклучително и силни и пропорционални контрамерки доколку е потребно. Имавме силно чувство на единство на состанокот“, рече Расмусен.
Шефчовиќ нагласи дека сè уште има простор за понатамошни преговори со американската страна и дека постои единство меѓу земјите-членки за примена на контрамерки доколку разговорите не успеат. Тој најави дека вечерва повторно ќе разговара со американскиот секретар за трговија Хауард Лутник и трговскиот претставник Џејмисон Грир.
Трамп во саботата објави дека ќе воведе царини од 30 проценти за поголемиот дел од увозот од ЕУ од 1 август. Соопштението дојде по неколкунеделни преговори меѓу двете страни, за кои Комисијата очекуваше дека ќе завршат со договорено решение.