Европската Унија ќе го одложи воведувањето на реципрочни царини за Соединетите Американски Држави, кои требаше да стапат на сила во понеделник, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Сега е време за преговори“, изјави фон дер Лајен, пренесува „АП“. Таа рече дека „контрамерките“ се одложени до 1 август, што значи дека САД и ЕУ ќе имаат околу две недели за преговори. „Секогаш јасно стававме до знаење дека сакаме да најдеме решение преку преговори“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да подготвува контрамерки.
Таа оцени дека трговските тензии со САД покажуваат колку е важно ЕУ да ги диверзифицира своите трговски односи.
Таа претходно изјави дека американските царини од 30 проценти за извоз од Европската Унија ќе им наштетат на бизнисите, потрошувачите и пациентите од двете страни на Атлантикот.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека почнувајќи од 1 август, ќе воведе царина од 30 проценти за сите стоки увезени од Европската Унија и Мексико во САД.
На својот профил на својата социјална мрежа „Truth Social“, тој објави копии од писмата што ги испратил до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и до мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум. Неименуван европски дипломат претходно потврди дека Европската Унија се подготвува да добие писмо од Трамп во кое ќе ги објави царините.
Претходно изминатава недела, Трамп објави нови царини за Јапонија, Јужна Кореја, Бразил и Канада, како и царина од 50 проценти за увоз на бакар, објави „Танјуг“.