понеделник, февруари 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ЕУ ги одби барањата на транспортерите: Се подготвуваат нови блокади

ЕУ ги одби барањата на транспортерите: Се подготвуваат нови блокади

582

Претседателот на Меѓународното транспортно бизнис здружение, Неџо Мандиќ, изјави дека Европската унија ги отфрлила сите предлози од транспортерите од Западен Балкан за решавање на проблемот со професионалните возачи кои остануваат во Шенген зоната и најави нови блокади на товарните премини.

Мандиќ изјави дека последната средба со претставниците на ЕУ била „катастрофална“ и дека ниту еден од предлозите на превозниците не бил прифатен.

„Тие не прифатија ништо што предложивме, само рекоа – прилагодете се на правилото 90/180, нема друг начин“, изјави Мандиќ за Танјуг.

Транспортерите од регионот веќе одлучија повторно да ги блокираат товарните премини, но точниот датум сè уште не е познат, бидејќи чекаат координација со колегите од другите земји од Западен Балкан.

„Одлучивме повторно да блокираме. Треба да ја координираме постапката со колегите од регионот и да се договориме за сите детали. Откако ќе го завршиме ова, ќе се утврди точниот датум“, нагласи Мандиќ.

Според информациите од регионот, компромисните предлози што властите и транспортерите ги испратија до Европската комисија беа отфрлени со образложение дека се „невозможни, премногу креативни и спротивни на Шенгенските правила“. Како алтернатива, беше предложено возачите да го регистрираат своето живеалиште во една од земјите-членки на ЕУ, што транспортерите го оценија како неприфатливо.

Новиот систем за влез и излез од ЕУ строго го ограничува престојот на возачите од земји кои не се членки на ЕУ на 90 дена во период од 180 дена. Поради природата на нивната работа, професионалните возачи многу брзо го достигнуваат овој лимит, по што се соочуваат со депортација или забрана за влез во ЕУ.

Транспортерите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора веќе ги блокираа товарните премини кон крајот на јануари поради овие правила, а блокадите беа укинати откако Европската комисија објави дека ќе разгледа посебни визи за професионалните возачи.

Сепак, според претставниците на транспортниот сектор, без конкретно решение и посебен статус за возачите на камиони, опстанокот на многу транспортни компании во регионот би можел сериозно да биде загрозен.

ИЗДВОЕНИ