ЕУ ги менува правилата поради Украина и Молдавија

104

Европската Унија планира да ги прилагоди своите правила за да ги забрза техничките чекори за приклучување на Украина и Молдавија. Притоа, ЕУ ќе го заобиколи унгарското вето кое досега го блокираше формалниот почеток на преговорите за пристапување на Киев, објави „Фајненшл тајмс“.

Не е отворен никаков преговарачки кластер за Украина бидејќи Унгарија постојано става вето на потребните процедурални чекори за започнување на првиот кластер. Будимпешта постојано се спротивставува на кандидатурата на Украина за членство во ЕУ, наведувајќи го третманот на Киев кон етничките Унгарци и потенцијалниот економски товар што би го донел пристапувањето.

Според „Фајненшл тајмс“, Европската комисија предложила промена на сопствените правила за да се заобиколи ветото, дозволувајќи техничката работа да започне во повеќе кластери дури и без формална одлука за отворање преговори во тие области.

Преговарачкиот кластер е група поврзани политики што земјата-кандидат мора да ги усогласи во процесот на пристапување.

Брисел во понеделник го поддржа планот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, за заобиколување на ветото на Будимпешта со тоа што ќе дозволи квалификувано мнозинство од земјите-членки да отворат преговарачки кластери за Украина и Молдавија, наместо сегашното правило за едногласност во секоја фаза, објави „Политико“. Прашањето ќе биде дискутирано на неформалниот самит на Европскиот совет во Копенхаген подоцна оваа недела.

Украина аплицираше за членство во ЕУ во февруари 2022 година, а Молдавија еден месец подоцна. Двете кандидатури долго време неформално се гледаат како пакет, иако некои земји-членки инсистираат дека треба да се разгледуваат одделно. Претседателот Володимир Зеленски тврдеше дека нивното одвојување би сигнализирало поделба во рамките на ЕУ околу безбедносните гаранции за Киев, став што се толкува како обид да се поврзе Молдавија со побавниот процес на пристапување на Украина.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, минатиот месец предупреди дека пристапувањето на Украина би бил последен удар за Европската Унија, бидејќи ќе мора да ги пренасочи речиси сите свои финансиски ресурси за поддршка на Киев, додека поевтините украински земјоделски производи би го уништиле европското земјоделство.

За разлика од повеќето членки на ЕУ, Унгарија одби да испорача оружје на Украина и постојано ги критикуваше санкциите против Русија. Москва вели дека нема забелешки на пристапувањето на Украина во ЕУ, но смета дека пристапувањето на Киев во НАТО е неприфатлива безбедносна закана.

ИЗДВОЕНИ