Претседателот на САД Доналд Трамп го склучи првото примирје во неговата светска трговска војна, постигнувајќи „историски“ компромис со Обединетото Кралство минатата недела. А минатиот понеделник се согласи да ги намали и давачките за царина за увоз од Кина — но Европската Унија сѐ уште преговара за да постигне прекуатлантски компромис.
По стапувањето на функција во јануари, Трамп — кој е закоравен протекционист — воведе царински давачки од 25% на челик, алуминиум и автомобили, како и универзални царини од 10% на повеќето други увозни производи во САД.
Во април ги укина специјалните царински давачки за увоз од повеќето трговски партнери, меѓу кои и Европската Унија, на 90 дена, поттикнувајќи го блокот привремено да ги одложи планираните противдавачки за да остави простор за понатамошни преговори.
Сепак, Европската комисија минатиот четврток објави план да им наметне дополнителни давачки на увозните производи од САД со вредност до 95 милијарди евра ако преговорите со Вашингтон не доведат до решение на трговскиот конфликт.
Списокот на производи засегнати од објавениот план опфаќа индустриски и земјоделски стоки, како автомобили и автомобилски делови, авионски делови, машини, горива, добиток, месо, свежо овошје и зеленчук, чоколадо, вино и други алкохолни пијалаци.
„ЕУ останува целосно посветена на изнаоѓањето договорно решение со САД“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Меѓу најпогодените од многустраниот напад на претседателот на САД врз слободната трговија се производителите на автомобили, па и најпознатите брендови — особено во најголемата европска економија, Германија — сега се носат со падот на продажбата и профитот.
Според годишниот извештај на Асоцијацијата на европски производители на автомобили, ЕУ во 2024 извезла во САД околу 750,000 возила со вкупна вредност од 39 милијарди евра.
Европските производители на автомобили ставени на мака
На крајот на април, германската компанија Мерцедес-Бенц и американско-европската групација Стелантис, чиишто брендови се Џип, Пежо, Фијат, Масерати и Опел, им се придружија на другите производители на автомобили во привременото одложување на својата годишна финансиска прогноза поради неизвесноста предизвикана од царините на САД.
Оваа таканаречена „прогноза на заработката“ се заснова на информациите што производителите на автомобили редовно ги соопштуваат како показател или проценка на нивната идна заработка.
Но, неизвесноста околу економското влијание на царините на САД ги наведе да се откажат од своите финансиски прогнози за годинава, истакнувајќи го хаосот предизвикан од трговската тактика што Трамп постојано ја менува.
Мерцедес посочи дека „нестабилноста во однос на царинските политики“ значи дека не може со сигурност да се предвиди претстојниот бизнис.
Мерцедес-Бенц и Фолксваген, најголемите европски производители на автомобили, соопштија голем пад во нивната нето добивка во периодот јануари-март, пред да стапат на сила американските царини. Нето добивката на Мерцедес се стрмоглавила за речиси 43% во првите три месеци од годината, до 1,73 милијарди евра.
Стелантис извести за пад од 14% на продажбата во првиот квартал, до 35,8 милијарди евра.
Во Шпанија, се издвојува случајот со Сеат, една од најголемите компании во нивната автомобилска индустрија. Но не поради царините на САД, туку поради царините на ЕУ на кинески електрични возила што сè уште се на сила.
За да се бори против силната конкуренција од кинескиот пазар на електрични возила, ЕУ на Кина ѝ наметна царини до 45,3%.
Во февруари, Сеат рече дека околу 1.500 работни места во компанијата и уште 10.000 други работни места се во опасност ако не се намалат сегашните царини на ЕУ за купра таваскан, електричниот автомобил што компанијата го произведува во Кина.
Падот на побарувачката за возила низ цела Европа, пред сè во Германија, влијае и на производителите и добавувачите на автоделови низ континентот.
Бугарија не произведува автомобили, но има многу бугарски компании што произведуваат автомобилски делови. Пролетниот макроекономски извештај на ДСК банка објавен кон крајот на април предупреди на негативните последици од царините со кои директно се погодени трговските партнери во Германија и Италија. Ова би можело да резултира со пад на нарачките на делови.
Сепак, претседателот на извршниот одбор на Асоцијацијата на увозници на автомобили во Бугарија Љубомир Доросиев изјави за бугарската новинска агенција БТА на почетокот на април дека царинските давачки за автомобили произведени во ЕУ се добра вест за европските потрошувачи. Според него, ако европските производители не се во можност да извезуваат евтино во САД, постепено ќе ги намалат цените на новите автомобили во Европа, вклучително и во Бугарија.
Во земјата кандидатка за ЕУ Северна Македонија, добавувачите на автоделови исто така изразуваат загриженост поради намалените нарачки, кај некои дури и до 30%. Според нив, негативните ефекти од Европа стигнуваат со одредено задоцнување до локалните добавувачи на автомобили од големите производители, па се плашат дека последиците врз домашната економија ќе станат уште посериозни ако продолжат економските проблеми во најголемата европска економија, Германија.
Проблеми со издувните гасови
ЕУ се соочува и со дилемата како да ги зајакне клучните сектори — вклучително и производството на автомобили — во услови на силна конкуренција од САД и Кина, од една страна, и како да ги постигне долгогодишните климатски цели, од друга страна.
Европарламентарците пред една недела го одобрија одложувањето на рокот за европските производители на автомобили да ги намалат издувните гасови, имајќи ги предвид напорите на блокот да ги балансира климатските цели со поддршката на автомобилската индустрија во криза.
Напорите вклучуваат олабавување на правилата за да им се даде простор на компаниите да дишат, како на пример одложувањето одобрено во Стразбур со мнозинство од 458 наспроти 101 европратеник.
Почнувајќи годинава, ЕУ ги намалува просечните емисии на јаглерод дозволени за новите возила што се продаваат во блокот од 27 земји, со високи казни ако производителите на автомобили не ги почитуваат.
Според планот предложен во март од Фон дер Лајен, компаниите може да се придржат до новите цели сметано преку просекот на нивните емисии во текот на трите години од 2025 до 2027 година, наместо секоја поединечна година.
Ова значи дека нема да бидат казнети ако не ја исполнат целта за 2025 до 31 декември годинава.
Велика Британија го постигнува првиот трговски компромис
Додека ЕУ и другите земји што се тетерават под товарот на царините сè уште се обидуваат да постигнат трговски компромис со САД, Велика Британија е првата земја на којашто ова ѝ успеа — така што ги олесни царините за автомобили и метали, но и предизвика критики од страна на американските производители на автомобили.
САД и Велика Британија минатата недела постигнаа „историски“ компромис, кој беше прогласен за заемно корисен договор за намалување на царините за британските производители на автомобили и сведување на царините за челик и алуминиум на нула.
Согласно договорот објавен од Трамп и британскиот премиер Кир Стармер предминатиот петок, царините на 100.000 возила произведени во Велика Британија увезени во САД ќе бидат намалени од 25% на 10%.
Во меѓувреме, договорот предизвика критики од автомобилската индустрија во САД оти може да ги стави во неповолна положба домашните производители.
Американскиот совет за автомобилска политика, кој ги застапува трите најголеми производители на автомобили во САД — Форд, Џенерал Моторс и Стелантис — исто така предупреди дека овој потег ќе им даде на британските производители неправедна предност во однос на претпријатијата во САД.
Производителите на автомобили во САД се потпираат на производство во Мексико и Канада и употребуваат делови произведени таму, а голем дел од нив сѐ уште се ослободени од царински давачки согласно Договорот меѓу САД и Мексико и Канада.
Сепак, како што минува времето, овие ослободувања се очекува да се смалат. Американскиот совет за автомобилска политика рече дека согласно новиот договор, наскоро би можело да биде поевтино да се увезе возило од Велика Британија отколку возило од Мексико или Канада што содржи многу американски делови, а ова ќе ги доведе до неповолна положба американските производители, добавувачи и работници.
МИА