Како гром од ведро небо одекна веста дека Еторе Месина повеќе не е тренер на евролигашот Олимпија Милано, клуб за кој настапува и новиот натурализиран македонски репрезентативец, Нејт Сестина.
Славниот кошаркарски стручњак ја шокираше јавноста со одлуката повеќе да не му биде тренер на италијанскиот тим, а сега објасни и зошто. Тој отворено призна дека станал фактор на раздор во тимот и дека неговото присуство почнало да создава тензии и да го одвлекува вниманието од теренот.
Кратко по објавувањето на одлуката, клубот го сподели и неговото емотивно писмо во кое ги објаснува причините за своето заминување.
- Простете ми што ги објаснив причините за мојата одлука во писмо, а не на прес-конференција. Од првиот ден од подготовките во август, чувствував огромно задоволство влегувајќи во вежбалница со тимот, медицинскиот персонал, физиотерапевтите, тренерите и со целиот тренерски персонал, на кои искрено им се заблагодарувам. Па зошто заминувањето од клупата (но не и од клубот)?
- Причината е едноставна: сфатив дека станав, не од вчера, фактор на поделба и, според тоа, придонесов за одвлекување на вниманието. Дури и кога ја работам мојата работа најдобро што можам, секоја ситуација се претвора во референдум „за“ или против мене. Затоа решив да го отстранам изворот на тензија што стана штетен за тимот. Со отстранувањето од таа равенка, верувам дека најдобро ја исполнувам одговорноста што ми ја дадоа г. Џорџо Армани и клубот уште од мојот прв ден тука. Оваа година ми беше особено тешко да ја прифатам атмосферата, до тој степен што понекогаш се двоумев дури и пред последниот чекор што води кон теренот. Оваа одлука има една цел: да поттикне единство и да создаде атмосфера во која сите може да се обединат околу тимот. Убеден сум дека тимот може да постигне одлични резултати, што веќе е докажано и покрај бројните повреди. Јас останувам најголем поддржувач на тимот и останувам во него за да помогнам за новите предизвици што лежат пред него, надвор од теренот. Многу сум мотивиран да продолжам да работам заедно со претседателот Лео дел Орка. Сигурен сум дека Пепе (Поета) и тренерскиот штаб ќе продолжат да работат со ист напор и со компетентност. Доколку ја имаат поддршката од сите, ќе ги постигнат резултатите што сите ги посакуваме. Тренерскиот штаб знае дека сè уште сум му достапен за сè што можам да му помогнам, но верувам дека тој ќе ја води Олимпија на најдобар начин. Сега сè што ни треба е смиреност и единство – порача Месина.
Иако ја напушти клупата, Месина останува во Олимпија Милано како претседател на кошаркарските операции. Клубот потврди дека неговиот договор важи до 2026 година и дека тој ќе продолжи да работи во административниот дел од организацијата. Инаку, на негово место седнува Џузепе Пепе Поета.
Месина го презеде Милано во 2019 година, по пет сезони поминати како асистент на Грег Попович во Сан Антонио. Под негово водство, клубот постигна низа историски успеси како пласман на фајнал-фор турнирот на Евролигата во 2021 година, три последователни италијански првенства (2022–2024), два купа на Италија (2021, 2022), како и три суперкупа (2020, 2024, 2025).











