„Етнолошки истражувања во Неготино и Неготинско 2025“ е насловен проектот од национален интерес, поддржан од Министерството за култура и туризам, кој се реализира во овој дел на Тиквешијата.
Раководител на проектот е Драгица Чекоровска, етнолог во Музејот на Град Неготино, а стручен соработник е Стојанчо Атанасов, кустос археолог во оваа културна установа.
Според Чекороска, Неготино, како дел од Тиквешкиот Регион – најголемиот лозаровинарски регион во државата, отсекогаш будело интерес кај домашните и кај странските посетители, поради богатството на историјата, традицијата, културата и на обичаите. Таа истакнува дека ова парче земја е многу малку истражувано од етнолошки аспект, иако изобилува со етнолошки богатства, но и дека претставува голем потенцијал за развој на културниот, винскиот и на алтернативниот туризам.
Таа ги истражува овој крај и животот на населението на овие простори. Нејзин интерес се градот Неготино и 13 неготински села. Истражувањето го евидентира преку записи и фотографии од терен.