Етничката припадност за соодветно и правично вработување ќе се докажува со лична карта, пасош…

2795

Јазикот употребен на личната карта, во пасошот, но и на другите лични документи на носителот ќе биде основа врз основа на која ќе се определува неговата етничка припадност, врз основа на која ќе може да ги користи правата од новопредложениот закон за правична и соодветна застапеност. Ова е клучна новина во законот, кој треба да ја замени досегашната алатка „балансер“, преку која се обезбедуваше вработувањето на припадниците на етничките заедници во јавниот сектор. Новите законски решенија беа усвоени на денешната владина седница, по што веднаш ќе бидат испратени на проверка во Венецијанската комисија.

– Секој што ќе аплицира за вработување во јавниот сектор по основ на овој закон со лична карта, пасош или друг документ, ќе докаже кој е и што е. За решенијата, своја оцена ќе даде Венецијанската комисија, па потоа ќе биде доставен до Собранието, каде што ќе има расправа и амандмани – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, на конференцијата за печат во Владата.

Тој рече дека станува збор за важен закон со кој се расчистува со практиката од минатото и со кој ќе се гради професионална, стручна и мултиетнички силна јавна администрација.

– Тоа е темел на нашата меѓуетничка сплотеност, гаранција дека сите етнички заедници ќе бидат соодветно застапени. Тој е одличен баланс и ги штити правата на сите. Ќе ги стимулира сите давајќи квалитет – објасни премиерот.

Мицкоски објасни дека допрва ќе треба да биде утврдена соодветна методологија за тоа кои проценти од пописот на населението ќе треба да се земат предвид при вработувањето – дали оние за резидентно или и оние и за нерезидентно население.

Според вицепремиерот Изет Меџити, новиот закон ќе биде гаранција за еднаквост при вработувањето.

– Ова е историски момент. Првпат уставната одредба добива форма на законско решение и гарантира еднаквост при вработувањето. Ова е порака на Владата, дека добиваме пофункционална, пофер и попретставничка администрација – рече Меџити.

Професорот Јетон Шасивари, кој беше дел од работата група за изработка на текстот на законот, во прексиноќешното интервју за телевизијата „Алсат“, потврди дека како основа за нечија етничка припадност ќе се земе јазикот на личната карта, но и други документи, кои ќе бидат вкрстени.

– Името и презимето на граѓанинот запишани во личната карта, значат јавна лична исправа задолжителна за секој полнолетен граѓанин. Тие име и презиме, запишани во личната карта согласно со амандманот 5, став 3 и со законот за употреба на јазиците, членовите 12, 13 и член 5 од Законот за лична карта, се запишани на службен јазик различен од македонскиот јазик – изјави Шасивари.

Тој додаде дека е предвиден и механизам за спроведување на законот преку соодветно координативно тело, кое ќе функционира во рамките на Владата. Според сознанијата, со новите законски решенија, изјаснувањето на етничката припадност нема да биде обврска, туку слободна волја на граѓаните за да се избегне замката законското решение повторно да падне на Уставниот суд. Во институциите каде што е мала застапеноста на некоја од заедниците, ќе се применува позитивната дискриминација, односно таа заедница ќе има предност при вработувањето ако го исполнува и мерит-системот. Ако во некоја институција не е исполнета квотата за одредена етничка заедница, ќе биде направена позитивна дискриминација, односно при иста квалификација, предност ќе има кандидатот од етничката припадност што недостига во институцијата.

Новите решенија не предвидуваат казни за институциите што нема да го почитуваат законот за правична застапеност.

На вакви решенија вчера реагираше опозициската ДУИ.

– Ова е обид уставната обврска да се претвори во административна фарса и да се демонтира еден од најважните столбови на Охридскиот рамковен договор: правичната и еднаква застапеност на етничките заедници. За Албанците, овој закон е штетен. И нема да запреме сѐ додека не се врати „балансерот“ како единствен правно-обврзувачки механизам за гарантирање еднаквост во администрацијата – соопштија од редовите на интегративците.

Според нив, замената на, како што го нарекуваат, прецизниот и транспарентен калкулатор со „годишни извештаи“ и „координативни тела“ што немаат никаква надлежност да ги обврзат институциите да го почитуваат принципот на застапеност, сама по себе е политички чин што создава неправда и институционална етничка доминација. (Б.Ѓ.)

Минчев: Се бориме за систем во кој се вреднува трудот, а не партиската книшка

Моделот за правична застапеност ќе биде регулиран со подзаконски акти, но по претходни евентуални забелешки од Венецијанскaта комисија, најави вчера министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

– Законот ќе биде проследен во Венецијанската комисија. Она што е важно за овој закон е дека вработувањата ќе бидат врз база на компетентноста, квалитетот и професионалноста – изјави Минчев.

Тој вчера учествуваше на конференцијата по повод Денот на јавните службеници и јавните служби, каде што ја истакна клучната улога на јавната служба како темел на секоја функционална, праведна и достоинствена држава.

– Јавната администрација не е бирократија – таа е крвотокот на државата. Јавниот службеник е лицето на државата – лицето на грижа, на правичност и на надеж. Јавните службеници не се сенка во системот, туку негово светло. Ќе продолжиме да се бориме за систем во кој се вреднува трудот, а не партиската книшка. За јавна администрација што ќе биде столб на европска Македонија – потенцира Минчев.

 

ИЗДВОЕНИ