Етапно реновирање на студентските домови – први  се „Кузман  Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“  

25

Во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, во тек се градежни активности за негова енергетски ефикасна рехабилитација. Сместувањето на студентите во овој студентски дом кој се реконструира од минатата пролет, ќе почне идната година. Владата, со помош на Европската Унија, преку Германската развојна банка, обезбеди средства за реконструкција на девет студентски дома во државава и во првата фаза се опфатени домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје.

Увид во работите на компанијата „Страбаг“, која работи на реновирањето на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, денеска направија премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

– Ова е многу значаен проект, не само за овој студентски дом туку, генерално, за сите. Долго време беше заглавен во лавиринти, во процедури, конечно е одглавен. Навистина, ова е голем напор од Министерството за образование и наука. За нас е важно да се заврши овој проект и, конечно, младите луѓе, студентите, да добијат, би рекол, повеќе од добри услови за сместување. Барем од тоа што успеавме да видиме, има огромна разлика меѓу тоа како порано изгледало овде и како ќе изгледа – изјави Мицкоски, најавувајќи дека се очекува во текот на следната година студентите да почнат полека да се вселуваат во домот.

Министерката Јаневска потенцираше дека со реновирањето, објектите ќе бидат енергетски ефикасни. Како што рече, целта е да се подигне стандардот на студентите и „обезбедување нормални, а не супстандардни услови за живеење и за учење на студентите“.

– Реконструкцијата е темелна и покрај градежните работи, опфаќа водовод, канализација, енергетика, машинство, фотоволтаични панели, за да може потрошувачката на другиот вид енергија, ослободувањето на јаглероден диоксид да се сведе на минимум. Исклучително е значајно што во приземјето се предвидени соби за студентите со посебни образовни потреби, кои досега ги немаше, а сега ќе ги има. Исто така, собите за студентите се уредуваат по највисоки стандарди, прозорците се со многу висок квалитет. Дополнително, за заштеда на енергија, предвидена е паметна регулација како на топлината така и на светлината. Тоа значи дека кога ќе излезе студентот од собата, а заборавил да го изгаси светлото, тоа ќе се изгаси автоматски, а исто и греењето – изјави Јаневска.

Таа објасни дека проектот опфаќа три фази: во втората ќе бидат реновирани домовите во Охрид, Штип, Прилеп и „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, а во третата фаза – „Гоце Делчев“ во Скопје и домот во Битола. Очекува целиот проект да заврши до крајот на мандатот на оваа Влада.

– Тоа значи дека ќе бидат опфатени сите домови во Македонија. Секоја од фазите би требало да чини околу 17 милиони евра. Досега имаме обезбедено 30 милиони евра за да ги довршиме овие проекти што сме ги започнале. Студентите во Македонија, конечно, ќе имаат солидни услови во кои ќе живеат и работат – нагласи министерката за образование и наука.

Таа наведе дека, како и минатата година, и во оваа академска година, додека трае реновирањето на домовите, сите студенти што ги исполнуваат условите ќе добијат сместување и дека за тоа се на располагање и ученичките домови.

 

ИЗДВОЕНИ