Во Скопје кафе „еспресо“ чини 150 денари, а во Софија две евра. Ова покажува дека цените во угостителството во Македонија вештачки се зголемуваат и не ја пресликуваат вистинската финансиска состојба на граѓаните, особено на работниците, истакна Стојанче Кашиковски, претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство занаетчиство и заштитните друштва на Македонија (СУТКОЗ), по потпишувањето на Меморандумот за соработка со партнерите од Италија, Бугарија и Малта.
Според него е апсолутно нелогично „еспресо“ да чини 150 денари.
– Повеќето граѓани не можат да си дозволат да се напијат кафе на плоштад зашто е енормно скапо. Покрај кафето, за жал, зголемени се и цените на прехранбените производи и на другите угостителски услуги,а сведоци сме дека тоа се случува по завршувањето на мерките што ги донесе Владата – рече Кашиковски.
Исто така, синдикалната потрошувачка кошничка е зголемена по завршувањето на мерките за замрзнување на цените на производите.
– Сметам дека цените не ја одразуваат реалната економска состојба со која нашите граѓани, работниците, би можеле да си дозволат да се напијат кафе на плоштад. Според мене е енормно скапо – изјави Кашиковски.
Тој само ја потврди реалноста дека работниците во угостителството и туризмот заминуваат во соседните земји или во ЕУ поради ниските плати.
– Работодавачите постојано алармираат на недостатокот на кадар во секторите угостителство и туризам. Според нас, причината за тоа се ниските плати што ги земаат работниците во овие два сектора. Својата егзистенција овие работници ја наоаѓаат или во соседството или во земјите од ЕУ како Хрватска и Словенија – истакна претседателот на СУТКОЗ.