Скопјани реагираат и бараат навремено да бидат исчистени сите пристапни патеки по кои има поголема фреквенција на луѓе, но и тротоарите и пешачките патеки на улиците, како и меѓу станбените згради во населбите. Но, надлежните институции не го прават тоа секогаш редовно, па може да се забележи дека лисјата по тротоарите на скопските улици сè уште не се собрани. Овие површини на кои има лисја по секој дожд можат да станат многу лизгави и при мало невнимание може да настрада секој, да падне и притоа да се здобие со полесни или со потешки повреди, како што се скршеници. Слична е состојбата и со паркинзите
Есента со своите карактеристични бои можеби плени, но златножолтите лисја кои интензивно паѓаат во овој период од годината претставуваат сериозен проблем, посебно за оние што се движат пеш. Тие, посебно на врнежливо време, можат да бидат исто толку опасни како и мразот, и да предизвикаат лизгање.
Токму заради тоа, граѓаните реагираат и бараат навремено да бидат исчистени сите пристапни патеки по кои има поголема фреквенција на луѓе, тротоарите и пешачките патеки на улиците, како и меѓу станбените згради во населбите. Но, надлежните институции не го прават тоа секогаш редовно, па може да се забележи дека лисјата по тротоарите на скопските улици сè уште не се собрани.
Овие површини на кои има лисја по секој дожд можат да станат многу лизгави и при мало невнимание може да настрада секој, да падне и притоа да се здобие со полесни или со потешки повреди, како што се скршеници.
Слична е состојбата со паркинзите на кои можат да се забележат несобрани лисја. Редовното чистење на лисјата треба да се практикува, исто како и отстранувањето на снегот. Иако надлежните се правдаат дека чистат и ги отстрануваат лисјата, сликата во градот кажува сосема нешто друго.
Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ тврдат дека нивните оперативни екипи со сите расположливи ресурси се максимално ангажирани на терен и вршат интензивни активности на уредување на јавното зеленило во градот.
– Постојаното паѓање на лисјата на зелените површини во овој период од годината ја засили активноста на собирање лисја во сите реони и се врши секојдневно. ЈП „Паркови и зеленило“ е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, додека чистење на лисјата од тротоарите, пешачките патеки е во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“. Одржувањето, пак, на блоковското зеленило е под надлежност на општините – образложуваат од претпријатието.
И од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ЈП ПОЦ) велат дека нивните екипи спроведуваат активности за чистење и за одржување на сите паркинг-простори.
– На паркиралиштата од затворен тип и на оние со поголем промет, чистењето се врши секојдневно, со цел да се обезбеди максимална чистота и безбедност за граѓаните. На резидентните паркиралишта и на улиците со помал сообраќаен интензитет, чистењето се спроведува до трипати неделно, во зависност од временските услови и реалната потреба на терен – одговорија од ЈП ПОЦ.
Додаваат дека чистењето се изведува рачно и машински, со редовно отстранување на лисја, прашина и на ситен отпад од паркинг-површините и околните пешачки зони.
Притоа, наведуваат дека дополнително, доколку има пријава од граѓаните за потреба од интервенција, нивните служби веднаш реагираат и излегуваат на терен за расчистување на пријавената локација.
– Нашата цел е сите паркинг-простори со кои стопанисуваме да бидат чисти, безбедни и уредни, во согласност со стандардите на претпријатието – децидни се од ЈП ПОЦ.
Од Општина Аеродром наведуваат дека нивното јавното претпријатие за комунални дејности редовно ангажира вршители на јавни работи кои се грижат за уредување и одржување на јавните површини.
– Комуналните екипи се постојано на терен и под директна организација и надзор од одговорните лица за работа на терен (реонски инженери) ги извршуваат поставените работни задачи по одделни реони со соодветна механизација, односно работите се извршуваат со два камиони (PEUGEOT) за собирање суви лисја, гранки и сл. Инаку, кога е врнежливо времето, работите се извршуваат отежнато, поради условите на терен – објаснуваат од локалната самоуправа.
Информираат дека нивното јавно претпријатие годинава набавило нова механизација за третирање лисја – нови грбни дувалки, со цел дополнително зголемување на ефикасноста вo одржување на јавните површини.
(А. П.) Фото: П. С.












