Есенските економски проекции на Европската комисија се јасен сигнал дека се движиме во позитивна насока, оценува министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во објава на „Фејсбук“, наведува дека проекцијата за раст на македонската економија е зголемена за 2025 и 2026 година, што е потврда за стабилноста, издржливоста и довербата во нашите економски политики.

Како што стои во објавата во извештајот, нотирано е дека во првата половина од годината растот на БДП бил повисок од очекуваното, поддржан од инвестициите, приватнате потрошувачка и од подобрените извозни перформанси. Инвестициите во инфраструктурата и во приватниот сектор се позиционираат како двигатели на растот во следните години, а стабилизирањето на инфлацијата дополнително ја зајакнува економската предвидливост. Дополнително, реализацијата на големите инфраструктурни проекти и спроведувањето на реформите од Планот за раст на ЕУ ќе имаат поголем придонес за уште побрз развој.

Како што пишува министерката, ова се позитивни сигнали од ЕК, кои се силен поттик да продолжиме со одговорните политики што ја зајакнуваат економијата и го подобруваат животниот стандард на граѓаните.

Имено, во есенскиот извештај на Европска комисија (ЕК), проекцијата за економски раст за 2025 година изнесува 3,2 % и таа е зголемена за 0,2 п.п. во однос на претходниот извештај. Исто така, проекцијата за 2026 година ЕК ја ревидираше нагоре, односно таа е зголемена на 3,3 % и за 2027 година е предвиден раст од 3,3 %.

ИЗДВОЕНИ