
Мировните напори на Блискиот Исток не можат да успеат без поддршка од регионот, а на Израел не смее да му се дозволи да го наруши постигнувањето договор меѓу САД и Иран, предупреди денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објави британската агенција „Ројтерс“ на својата веб-страница.
Зборувајќи заедно со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во Истанбул, Ердоган рече дека ниедно решение кое не црпи сила од волјата и придонесите на земјите во регионот не може да биде одржливо.
Турција, членка на НАТО и сосед на Иран, постојано го обвинува Израел дека се обидува да го поткопа меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран постигнат со посредство на Пакистан – осудувајќи ги воените операции на Израел во Појасот Газа, Либан и Сирија.
„Внимателно ги следиме обидите на израелската администрација да го наруши договорот. Не смееме да дозволиме сегашната израелска влада, опседната со војна, повторно да го потопи нашиот регион во мирис на барут и крвопролевање“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Турција сака да ја продлабочи соработката со Пакистан во областите на енергетиката, транспортот, стратешките минерали, информатичката технологија и одбраната, со цел да достигне обем на билатерална трговија од пет милијарди долари (4,4 милијарди евра).
Функционери од двете земји учествуваа и на бизнис форум во Истанбул.
Турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар изјави дека компаниите од неговата земја сакаат да придонесат во проекти во Пакистан и да ја споделат својата експертиза во енергетскиот сектор, бидејќи Пакистан во моментов е во процес на трансформација на својата електроенергетска индустрија, пренесе „Бета“.











