Два милиони нелегални имигранти „се протерани или доброволно депортирани“ од Соединетите Американски Држави од 20 јануари, соопшти Министерството за внатрешна безбедност (DHS), што ја става администрацијата на Трамп на пат да собори рекорди, објави Фокс њуз.
За помалку од 250 дена, околу 1,6 милиони нелегални имигранти се доброволно депортирани, додека 400.000 се отстранети од страна на федералните органи за спроведување на законот, соопшти DHS оваа недела, опишувајќи ја ситуацијата како „нова пресвртница“.
„Администрацијата на Трамп е на пат да собори историски рекорди и да депортира речиси 600.000 нелегални имигранти до крајот на првата година од мандатот на претседателот Трамп“, соопшти Министерството. DHS јасно стави до знаење: Ерата на отворени граници е завршена. Четири месеци по ред, Царинската и граничната заштита на САД не дозволи ниту еден нелегален имигрант да влезе во земјата“, се додава во соопштението на DHS
Помошничката секретарка на DHS, Триша Меклафлин, рече дека податоците докажуваат дека „политиките на претседателот Трамп и раководството на секретарката Кристи Ноем функционираат и ги прават американските заедници безбедни“.
„Засилената имиграциска контрола, насочена кон најлошите од најлошите, секојдневно отстранува сè повеќе криминални нелегални имигранти од нашите улици и испраќа јасна порака до сите во оваа земја нелегално: Депортирајте се доброволно или ќе ве уапсиме и депортираме“, додаде таа.
Според DHS, Службата за имиграција и царина на САД (ICE) примила повеќе од 150.000 апликации за работа во последните недели, при што сите нови вработувања откако Трамп ја презеде функцијата им припаѓаат на Американците.
„Капацитетот за депортација продолжува да се шири додека секретарката Ноем преговара за нови притворни центри како што се „Алигатор Алкатраз“, „Спидвеј Сламер“, „Корнхаскер Клинк“ и „Луизијана Локап“, наведе Министерството.
„Сите овие успеси ќе го направат апсењето, притворањето и депортацијата на нелегалните имигранти поефикасно и поедноставно од кога било – отворајќи го патот за континуирано зголемување на депортациите.“
Само неколку дена откако Трамп ја презеде функцијата за втор мандат, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека „првите летови за депортација полетаа“, објавувајќи фотографии од мигранти кои се качуваат на воени авиони.