Американскиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн користел студентски визи, курсеви по англиски јазик и лажни бракови за да ги држи жените во неговото окружение под своја контрола, покажуваат документите објавени од Министерството за правда на САД.
Една од девојките на Епштајн, Карина Шуљак, се омажила за државјанка на САД во 2013 година за да го реши проблемот со американска виза, покажуваат документите, пренедсува Блумберг. Шуљак влегла на Стоматолошкиот факултет на Универзитетот Колумбија како студент од Белорусија со помош на Епштајн.
Таа комуницирала со канцеларијата за меѓународни студенти на универзитетот за да го регулира својот имиграциски статус. Епштајн вработил мрежа од адвокати и контакти за да ја обнови студентската виза на Шуљак, пишува Блумберг.
Меѓу вклучените бил и Грег Крег, поранешен советник во Белата куќа и партнер во адвокатската фирма „Скаден, Арпс, Слејт, Мигер и Флом“.
Според е-поштата, адвокатите на Епштајн му препорачале да контактира со имиграциска фирма која би можела да помогне. Во август 2013 година, Шуљак почнала да комуницира со адвокатот Ард Бескардес за планирање брак.
Во октомври истата година, таа се омажила во Њујорк, а во текот на следните неколку години добила зелена карта и американско државјанство, само за подоцна да се разведе од својата партнерка, жена по име Џенифер.
Документите покажуваат дека Епштајн платил за курсеви по англиски јазик и тестови за подготовка за TOEFL за неколку жени со цел да обезбеди студентски визи.
Дополнително, адвокатите во неговиот круг аплицирале за работни визи О-1 за жени со „исклучителни способности“ во манекенство, комуникации и уметност.
Епштајн дури гарантирал и кредитна линија од 1 милион долари за MC2 Model Management, агенција за модели која, според тужбите, донела девојки во Соединетите Држави за сексуална експлоатација, вклучувајќи ги и оние кои завршиле со Епштајн.
Документите, исто така, покажуваат дека Епштајн и неговата придружба биле загрижени дали жените можеле да патуваат и дали имиграциските процеси функционирале според планот, следејќи го секој чекор од процесот.












