Европската комисија погрешила кога одбила да ги објави СМС-пораките разменети меѓу Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, за време на врвот на пандемијата Ковид-19, пресуди Судот на правдата на Европската Унија.

Новинарите бараа увид во тајните пораки разменети меѓу претседателот на Комисијата и извршниот директор на фармацевтска компанија пред договорот за вакцини вреден повеќе милијарди евра меѓу ЕУ и Фајзер. Таа афера стана позната како Фајзергејт.

По долготраен спор меѓу ЕК и Њујорк тајмс околу транспарентноста во врска со договорите за вакцини на Фајзер против Ковид-19, Европскиот суд на правдата (ЕСП) денес пресуди дека Комисијата „не дала веродостојно објаснување што го оправдува нејзиното непоседување на бараните документи“, пишува „Еуроњуз“.

Според судот, Комисијата не може едноставно да тврди дека не ги поседува бараните документи; мора да обезбеди веродостојни објаснувања што ќе им овозможат и на јавноста и на Судот да разберат зошто тие документи не можат да се најдат.

Европскиот суд на правдата утврди дека „Њујорк тајмс“ доставил релевантни и конзистентни докази што укажуваат на постоење на текстуални пораки помеѓу претседателот на Комисијата и извршниот директор на „Фајзер“ во врска со набавката на вакцини против Ковид-19.

„Овие договори беа сосема без преседан во сосема без преседан контекст“, изјави официјален претставник на ЕУ пред пресудата.

Весникот го открил постоењето на пораките во 2021 година за време на интервју со Бурла, но наишол на пречки кога побарал пристап до нив. Комисијата тврдеше дека не може да ги обезбеди текстовите.

По повеќе неуспешни обиди да се добијат пораките, NYT покрена постапка пред Европскиот суд на правдата во јануари 2023 година.

Пресудата би можела да има огромни последици врз транспарентноста и одговорноста во ЕУ и претставува сериозен удар врз угледот на Урсула фон дер Лајен.

ИЗДВОЕНИ