Епидемијата на легионерска болест во Њујорк ја зеде петтата жртва

55

Петто лице почина од ширењето на легионерската болест во Њујорк, соопштија денес американските здравствени власти.

Епидемијата избувна во центарот на Харлем кон крајот на јули. Десетици луѓе се заразени од вчера, 15 се хоспитализирани, а петти смртен случај е пријавен доцна синоќа, се вели во соопштението.

Бактериите што ја предизвикуваат легионерската болест се пронајдени во 12 разладни кули во 10 згради, вклучувајќи градска болница и клиника за сексуално здравје, соопштија градските власти на Њујорк.

Сите разладни кули се санирани, соопштија властите.

Легионерската болест е вид на белодробна болест предизвикана од бактеријата Legionella која напредува во топла вода и се шири преку водоводните инсталации на зградите.

Појавата на легионерска болест во Њујорк е поврзана со разладните кули што користат вода и голем вентилатор за ладење на зградите.

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, симптомите на болеста вклучуваат кашлица, треска, главоболка, болки во мускулите и отежнато дишење, а се појавуваат два до 14 дена по изложеноста на бактеријата.

ИЗДВОЕНИ