Мислам дека доказите се јасни дека сме на опасна точка на потенцијална ескалација, вели Шенон Хилер, извршна директорка на Иницијативата за премостување на поделбите на Универзитетот Принстон, која го следи политичкото насилство во САД. За „Тајм“ таа тврди дека низа околности – широката употреба на дехуманизирачка реторика, достапноста на огнено оружје, ширењето на дезинформации, исчезнувањето на довербата во институциите – се здружиле за да создадат нерешлив проблем. „Тоа е збир на сите овие работи во кои живееме“, вели таа додавајќи дека „затоа е толку тешко да се најде едно решение што ќе нè извлече од него“.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е „полн со тага и гнев“ по „грозоморното убиство“ на десничарскиот влијателен човек, неговиот верен сојузник, Чарли Кирк. Тој беше убиен на настан на универзитет во државата Јута во средата попладне по американско време, а властите соопштија дека осомничениот веројатно пукал од покрив на значително растојание, додавајќи дека околу 3.000 луѓе, меѓу кои и сопругата и децата на 31-годишниот Кирк биле на митингот на отворено на Универзитетот во Јута Вели, во близина на Солт Лејк Сити, кога се случило убиството.
Чарли Кирк е американски политички активист и основач на „Пресврт за САД“, организација која промовира конзервативни вредности кај младите луѓе, особено на универзитетските кампуси. Тој беше близок сојузник на Трамп и чест гостин во неговите кругови. Јавно ги поддржуваше ставовите на актуелниот американски претседател и редовно се појавуваше на настани поврзани со него и со Републиканската партија. Иако немаше формална позиција во тимот на Трамп, тој важеше за лојален промотор на идеологијата на Трамп, особено кај помладата популација. Познат беше по тоа што одржуваше дебати со студенти на американските колеџи низ САД, а неодамна беше тема на епизода од „Саут парк“.
Трагедијата што се случи во Јута не се однесува само на убиениот Кинг, туку и на целата американска политичка ситуација. Токму затоа американското списание „Тајм“ одлучи да ја посвети својата насловна страница на таа тема. „Доста. Убиството на Чарли Кирк и епидемијата на американско политичко насилство“, пишува на насловната страница, а во заднина е фотографија во доминантно црвена боја, направена непосредно пред убиството. Печатеното издание на „Тајм“ со таа насловна страница ќе биде пуштено во продажба на 29 септември.
„Тајм“ потсетува дека Америка е нација обликувана од политичко насилство и проникната од неговите афтершокови. На пример, 1960-тите беа обележани со политички атентати, од Кенеди до Кинг. Магазинот наведува дека дрското политичкото насилство повторно се интензивира во последниве години како резултат на деградираните политики. Во 2021 година, кога поддржувачите на Трамп го нападнаа американскиот Капитол, имаше повеќе од 9.600 регистрирани закани против членови на Конгресот, според полицијата на Капитол. Следната година сопругот на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, Пол, беше нападнат со чекан во нивниот дом во Сан Франциско, а имаше и обид за избодување на кандидатот за гувернер на Њујорк, Ли Зелдин, на предизборен митинг. Минатата година имаше два обида за атентат врз Доналд Трамп. Особено е впечатлив оној за време на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија, кога Трамп ја сврти главата настрана додека напаѓачот пукаше, па куршумот само му го поткачи увото. А оваа година политичкото насилство стана уште поизразено. Пироман ја запали резиденцијата на гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, вооружен човек застрела двајца демократски пратеници од Минесота и нивните сопруги, двајца вработени во израелската амбасада беа убиени пред Музејот на еврејската заедница во Вашингтон. Низата ја продолжува маж кој извикуваше „Слободна Палестина“ фрлајќи молотови коктели на произраелски протест во Болдер, Колорадо, како и вооружен човек со антиваксерски ставови, кој отвори оган во седиштето на Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) во Атланта.
Во последниве години, можноста за политичко убиство како ова, извршено пред преплашена толпа среде бел ден, се надвиснуваше над нацијата растргната од фракциски бес. Избраните функционери шепотеа за тоа во зелените соби и во автобусите со кои одеа на кампања. Кога дојде моментот, тоа се случи со застрашувачка прецизност: сцена на кампусот, микрофон, еден рафален истрел. Каде ќе води сè ова е злокобното прашање без очигледен одговор, пишува „Тајм“.
– Мислам дека доказите се јасни дека сме на опасна точка на потенцијална ескалација, вели Шенон Хилер, извршна директорка на Иницијативата за премостување на поделбите на Универзитетот „Принстон“, која го следи политичкото насилство во САД. За „Тајм“ таа тврди дека низа околности – широката употреба на дехуманизирачка реторика, достапноста на огнено оружје, ширењето на дезинформации, исчезнувањето на довербата во институциите – се здружиле за да создадат нерешлив проблем. „Тоа е збир на сите овие работи во кои живееме“, вели таа додавајќи дека „затоа е толку тешко да се најде едно решение што ќе нè извлече од него“.
Анализа за политичкото насилство во САД по повод убиството на Кирк има и „Политико“. Медиумот наведува дека практично секој носител на јавна функција ја чувствува новата реалност – не само избраните политичари како Трамп, или активистите. И на судиите им се закануваат со смрт и ги вознемируваат. Така, имаше обид за атентат на судијата Брет Кавано во 2022 година. Годинава некои судии од пониските судови ја осудија острата реторика што Белата куќа ја упати кон нив, велејќи дека вербалните напади поттикнуваат закани за физичко насилство.
– Заканите, а во некои случаи и самите напади, станаа звук на бучава во Вашингтон – симптоми на политички момент обележан со токсичен племенизам и продлабочено чувство на недоверба кон владините институции, пишува „Политико“.