Судијата Енвер Беџети кој заедно со бегалецот Артан Груби се најдоа на црната листа на САД поради забошотување на предметите во кои беше обвинет Сашо Мијалков, повеќе не е судија во скопска апелација. Ова стои во решението за негово рашрешување кое го донело Судскиот совет
– Е.Б. се разрешува од вршење на судиската функција, поради сторена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, поради потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот… стои во решението на РСС.
Стејд Департментот го стави судијата Беџети на црната листа со забрана за влез во САД. Бидејќи имале докази дека е вмешан во значителна корупција преку примање на мито од страна на обвинетиот Мијалков. По објавување на имињата на Беџети и Груби од страна на амбасадата на САД во земјава и Јавното обвинителство отвори предистрага за митото кое ги застаре предметите на поранешниот директор на УБК.
-Ставањето на судија на црна листа за наводно вмешување во значителна корупција апсолутно го нарушува угледот на судијата, но и на судот. Кога е вака нарушен угледот веќе тој судија не може да правораздава бидејќи не постои веќе ниво на доверба, туку довербата е целосно загубена, се наведува во решението на РСС.
Во својата одбрана пред Комисијата во Судски совет, разрешениот Беџети изјавил дека против него нема кривичен прогон, а самата „црна листа“ не преставувала обврзувачки документ во државата. Чувањето во фиока на предметите го објаснил со работа во услови на пандемија, кога имало многу предмети меѓу кои од поранешното СЈО. (П.А.)