Европската Унија ќе ги засили напорите за диверзификација на своите енергетски резерви за да ја намали зависноста од американскиот течен природен гас откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја преземе контролата врз Гренланд, потврди еврокомесарот за енергија, Ден Јергенсен, објави Политико.
Зборувајќи во Брисел, Јергенсен ги опиша настаните од изминатите неколку дена како „јасен повик за будење“, предупредувајќи дека растечката геополитичка нестабилност – од војната на Русија во Украина до сè позатегнатите односи со Вашингтон – покажува дека енергетските врски повеќе не можат да се сфатат како имуни на безбедносни шокови.
„Ова се исклучително турбулентни времиња“, им рече Јергенсен на новинарите. „Ситуацијата е дополнително комплицирана од затегнатите односи со САД и фактот дека имаме претседател на САД кој не ја исклучува употребата на сила против Гренланд“, додаде тој.
Соединетите Американски Држави во моментов испорачуваат повеќе од една четвртина од вкупните количини гас што ги увезува Европската унија, значителен раст во споредба со само 5 проценти пред пет години. Се очекува оваа зависност дополнително да се зголеми откако ќе стапи на сила целосната забрана за увоз на руски гас.
Сепак, Јоргенсен најави дека Европската комисија сега активно бара алтернативни извори и во наредните месеци ќе ги продлабочи енергетските партнерства со низа земји, меѓу кои Канада, Катар и Алжир.
„Секако Канада, Катар, земјите од Северна Африка“, наброја тој, додавајќи дека Брисел паралелно работи и на обезбедување неруски извори на нуклеарно гориво за земјите членки кои сè уште зависат од Москва.
Иако нагласи дека Брисел не сака трговска војна со Вашингтон, Јоргенсен призна дека во рамките на ЕУ расте загриженоста поради ризикот од „замена на една зависност со друга“, откако Унијата по руската инвазија врз Украина брзо премина од руски на американски гас.
„Никогаш не била наша политика да ја намалуваме трговијата со САД и не сакаме трговски конфликти“, рече тој. „Но исто така е јасно дека геополитичките потреси беа повик за будење. Мораме да бидеме способни сами да се грижиме за себе.“
Еврокомесарот изјави дека сè уште не разговарал со својот американски колега по изјавите на Трамп за Гренланд и дека ЕУ сè уште не поставила формален праг што би дефинирал кога зависноста од американскиот течен гас станува преголема.












