Премиерот Христијан Мицкоски на Денот на рударите ја посети РЕК „Битола“ посочувајќи дека имаме енергетска стабилност, а енергетската стабилност подразбира и стабилен економски пораст на Македонија и на македонското стопанство.
Пред посетата на Мицкоски на РЕК „Битола“ од СДСМ Битола обвинија за јавашлак во работењето на најголемиот производител на електрична енергија во Македонија
Рударите се темелот на економијата и незаменлива сила без која нема развој и енергетска стабилност, истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска, по повод 28 август, Денот на рударите. Таа им порача на рударите дека нивната работа е животна мисија, а не само професија.
– Затоа државата има должност да ви обезбеди подобри услови, поголема безбедност и современа опрема. Но и да покаже јасна решеност дека во рударството нема компромис со законот – истакна министерката која на тринаесет рудари од различни рудници низ земјата им додели признанија за својата пожртвувана работа.
Божиновска потсети дека Министерството во изминатиот период ги засилило инспекциските контроли и теренските посети, а само во последните години биле одземени 45 концесии поради непочитување на правилата.
– Државата ќе ги поддржи сите компании кои инвестираат во безбедноста на рударите, се грижат за животната средина и за локалните заедници. Но, за оние што мислат дека Македонија е место каде правилата не важат, имам јасна порака: времето на компромиси заврши. Законот важи за сите – без исклучок – подвлече министерката.
Таа порача дека рударството ќе остане силен и одржлив столб на македонската економија – со врвен приоритет секој рудар да биде безбеден и горд кога се враќа дома.
Премиерот Христијан Мицкоски на Денот на рударите ја посети РЕК „Битола“ посочувајќи дека имаме енергетска стабилност, а енергетската стабилност подразбира и стабилен економски пораст на Македонија и на македонското стопанство.
– Би сакал да им го честитам Денот на рударите со рударскиот поздрав „Среќно“, затоа што тие се нашата инспирација и знам и сум убеден, од тоа што успеав да го видам, дека мотивот не изостанува, желбата е тука присутна и сигурен сум за уште подобри резултати во месеците и годините што следуваат за македонскиот енергетски систем, за рударството, но и за македонската економија – нагласи Мицкоски, посакувајќи им на рударите многу успеси, благодарение на нивната пожртвувана, макотрпна работа и секојдневна енергија што секојдневно ги вложуваат овде во РЕК „Битола.
Пред посетата на Мицкоски на РЕК „Битола“ од СДСМ Битола обвинија за јавашлак во работењето на најголемиот производител на електрична енергија во Македонија.
– Нема основни средства за работа, нема резервни делови, се крпат делови од пред 40 години. Нема работници за технолошко чистење и покрај милионскиот договор склучен со фирма без вработени. Примени се преку 300 партиски војници, а работници за тековно одржување на системите нема. Недостасуваат бравари, електричари, вулканизери и други стручни профили. Прашуваме, каде се распоредени новопримените работници? Дали се заштитени и скриени по канцеларии и магацини каде и без нив има превработеност. Покрај тоа што работат на несоодветни работни места, дел веќе користат боледување и не доаѓаат на работа – истакнаа од СДСМ Битола.
Оттаму посочија дека на нецели два месеца пред почетокот на грејната сезона, депонијата за јаглен е буквално празна.
– Од „Суводол“ се носи јаглен колку за работа на еден блок. Во рудникот „Брод Гнеотино“ нема ископ, ама има назначено советник за овај рудник. Немањето јаглен е причина за гаснењето на блок 3 на 22 август кој беше пуштен пет дена порано. Потрошени се околу 500.000 евра за пуштање на блок кој работеше само пет дена. Деновиве повторно се носи јаглен од Грција со засилено темпо и преку истата фирма за која ВМРО-ДПМНЕ, додека беше во опозиција, обвинуваше дека е со сомнителен квалитет – велат од СДСМ Битола и нагласуваат дека во РЕК селективно се зголемуваат платите само во одредени сектори и се наградуваат раководители на сектори за успешност во работењето.
(С. БЛ.)