
Реал (М) ќе биде без еден од најталентираните напаѓачи во својот состав, бидејќи младата бразилска ѕвезда Ендрик привремено го напушта „Сантијаго Бернабеу“.
По неколку месеци незадоволство поради скромната минутажа и бавниот развој во напаѓачката хиерархија, беше одлучено 19-годишниот напаѓач да ја продолжи кариерата – на позајмица.
Како што објавија шпанските и француските медиуми, Ендрик ќе стане нов член на Лион во јануари 2026 година, откако тимот од Лига 1 му презентираше јасна спортска визија и му гарантираше стартна улога. Речиси е постигнат договор за позајмица до крајот на сезоната, со можност за продолжување на соработката доколку двете страни се задоволни.
Според извори блиски до играчот, клучен фактор бил фактот дека Лион планира да изгради тим околу млади напаѓачки таленти, а на Ендрик му била ветена клучна позиција во нападот, без притисок да „експлодира преку ноќ“, како што беше случајот во Мадрид.
Реал (М), од друга страна, донесе одлука што може да биде корисна за сите страни. Клубот е свесен дека бразилскиот бисер пристигна во тим каде што конкуренцијата е составена од мегаѕвезди и дека конзистентните минути се неопходни за целосно развивање на неговиот потенцијал.
Ендрик постојано нагласуваше дека е благодарен на Реал, но и дека го боли фактот што поминува повеќе време на клупата отколку на теренот. Иако на тренинзите покажа квалитет, реалноста беше јасна – Чаби Алонсо не му даде вистинска шанса.
Во Мадрид никој не сака да го повтори сценариото со некои од талентите кои „изгореа“ во сенката на ѕвездите. Затоа привремената разделба изгледа како најздрав начин.
Шпанскиот гигант сè уште смета на Ендрик како проект за иднината. Идејата е јасна: позајмица, зрелост, искуство во европскиот фудбал и враќање на подготвен играч кој може да биде носител на играта. Навивачите на Лион веќе велат дека едвај чекаат да го видат бразилскиот бисер во своите редови.
Ендрик конечно играше неодамна во победата на Реал (М) над Валенсија, и помина 12 минути на теренот и тоа беше неговиот прв настап во новата сезона.
Бразилецот дојде за 60 милиони евра во летото 2024 година од Палмеирас, но засега не е задоволен од тоа како му одат работите. Вкупно, тој одигра 38 натпревари за Реал и постигна седум гола со една асистенција.
Претходно, тој постигна 21 гол со три асистенции во 82 сениорски натпревари за Палмеирас. Од 2023 година, тој има 14 настапи за Бразил и постигна три гола во тој период.











