Иако го доведоа како големо засилување, Бразилецот Ендрик, очигледно, не се снајде баш најдобро во дресот на Реал Мадрид, па затоа во текот на зимата ќе биде испратен како позајмен во редовите на Лион.
„Кралевите“ го „договорија“ Ендрик уште во 2022 година, но тој остана во Палмеирас и во наредните две сезони бидејќи се чекаше да стане полнолетен. Овој трансфер го чинеше Реал Мадрид 35 милиони евра, плус бонуси, што стигна до сума од 70 милиони, но младата ѕвезда не ги исполни неговите очекувања.
Реал сега ја штити токму оваа огромна инвестиција со испраќање на Ендрик како позајмен во Лион, не сакајќи да го остави да стагнира, пишува „Ас“. Тој одигра вкупно 40 натпревари за мадридскиот клуб и постигна седум гола, но оваа сезона ситуацијата е значително поинаква. Тој одигра само единаесет минути во Ла Лига. Француските медиуми објавуваат дека Лион ќе плаќа половина од неговата месечна плата, што е 400.000 евра, во текот на позајмувањето.











