Енди Мареј до неодамна го тренираше Новак Ѓоковиќ и сега реши да проговори за соработката со него. Во интервју за „Тајмс“, тој откри дека ќе му било многу полесно доколку Ѓоковиќ не бил Србин, туку, да речеме, Британец. Нема никаква врска со јазичната бариера, туку со местото на живеење, па затоа на Мареј му било многу комплицирано што не живееле во иста земја и што морал постојано да патува.

Се чини дека тој замислувал дека може да го тренира Новак Ѓоковиќ од дома, затоа што не му се допаѓало тоа што поради него морал да поминува многу време во Марбеља. Додека бил со Ноле во Шпанија, му недостигало семејството.

  • Ако сакате да работите добро како тренер, според мене, мора да поминувате многу време со тенисерот, а тоа е тешко кога не живее тој во ваша близина. Со британски тенисер би одзело многу помалку време, бидејќи не мора да бидете далеку од вашето семејство во текот на слободните недели за тренинг – се пожали Енди Мареј.

Тој претходно ѝ ветил на сопругата дека ќе биде повеќе дома, дека ќе има време за децата, но сфатил дека не може да седи на два стола.

  • Беше тешко да го направам тоа толку брзо откако ја завршив кариерата како играч. Сепак, беше одлична можност, но не е нешто што би го направил наскоро. Не мислам дека имам желба да го направам тоа во моментов – додаде Мареј.

Ѓоковиќ ги изненади сите кога на крајот од минатата година објави дека ќе тренира со Енди Мареј, но нивната соработка траеше само до Ролан Гарос. Беше јасно дека не функционира, Ѓоковиќ беше сè повеќе нервозен и пцуеше на тренинзите, а Мареј се повлече во себе и не знаеше како да му помогне.

  • На почетокот уживав, но, очигледно, резултатите не беа онакви какви што очекував, а сигурно не и онакви какви што очекуваше Ѓоковиќ. Сепак, мило ми е што соработував со него. Беше единствена можност и ако не ја искористев, ќе зажалев. Поминувањето време со еден од моите најголеми ривали, еден од најдобрите спортисти на сите времиња, обидувајќи се да му помогнам, да учам од него и да го разберам, беше фасцинантно – рече Мареј, објаснувајќи дека не можел да биде со него цело време и дека тоа било главниот проблем.

Моментално, Новак Ѓоковиќ нема главен тренер и ќе видиме кој ќе биде со него на мастерсот во Шангај, каде што ќе учествува од 1 октомври.

 

ИЗДВОЕНИ