Со спектакуларна церемонија во спортскиот центар “Јане Сандански” и официјално беше отворен најголемиот спортски настан кој некогаш го организирала Македонија – Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) „Скопје 2025“. На настанот кој ќе трае од 20 до 26 јули ќе продефилираат околу 4.000 млади спортисти од 50 европски земји и најавува седум дена исполнети со спорт, култура и олимписки вредности.
Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралоc, во својот говор ја потенцираше важноста на ЕМОФ како платформа за спортски и културен развој кај младите.
- Овие Игри се многу повеќе од медали, тие се за учење, поврзување, споделување и живеење на олимписките вредности: извонредност, пријателство и почит. За многумина од вас, ова е прво големо меѓународно искуство, но она што ќе го понесете со себе се пријателствата, спомените и чувството дека припаѓате на големото олимписко европско семејство, порача Капралос.
Свое обраќање имаше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која воедно го прогласи за отворен Младинскиот олимписки фестивал, истакнувајќи го значењето на спортот како симбол на единство, култура и надеж.
- Спортот ја манифестира убавата страна на сегашноста и ја гарантира светлата иднина на европскиот спорт. Продолжете да го развивате олимпискиот дух, да ширите добра волја и пријателство, да праќате пораки за мир, порача претседателката Сиљановска, нагласувајќи дека фестивалот е ретка можност за младите спортисти и гостите да се запознаат со македонската култура.
На сцената се појави и нашиот најдобар таеквондист и сребрен медалист, Дејан Георгиевски, кој беше во улога на прв носител на Пламенот на мирот и солидарноста, кој го симболизираше почетокот на факелската патека. Потоа му се придружија и познатите македонски спортисти Мила Релиќ, Бобан Илиоски, Дивна Пешиќ, Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, додека факелот свечено го запали атлетичарот Дарио Ивановски.
Исто така за првпат јавно беше изведена и официјалната химна на ЕМОФ „Скопје 2025“, “Together We Shine”, дело на Роберт Билбилов, изведена од Сара Мејс, Лара Иванова, Јанг Дади и Александар Тарабунов, проследена со импресивно мултимедијално шоу инспирирано од олимписките вредности.
Церемонијата кулминираше со ексклузивен музички настап на светски познатиот артист Кирил Џајковски, кој понуди и краток поглед кон тоа што нè очекува на свеченото затворање.
Што се однесува до спортскиот дел, деновиве не очекуваат одлични натпревари од најмладите. Спортската програма на ЕМОФ нуди 15 спортови и тоа: атлетика, пливање, кошарка, 3×3 кошарка, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски и планински велосипедизам, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и теквондо. Натпреварите ќе се одржуваат на современи спортски капацитети во Скопје и Куманово, додека гимнастиката ќе се одржува во Осиек, Хрватска.
Македонија ја претставуваат 181 натпреварувач, што воедно е најголема наша делегација на ова натпреварување, па сосема очекувано е најпосле да се израдуваме на медал и тоа – на домашно тло!