Емисари или фантазии – одговор ќе даде денот потоа!

80

Иако на 19 октомври ќе се гласа за локални власти, партиите веќе водат битка со национален влог. Реториката е далеку од локалните теми – се зборува за владини коалиции, изборни порази и за „емисари“. ДУИ обвинува за скриени понуди и за страв кај ВМРО-ДПМНЕ и кај „Вреди“. Одговорот е жесток – наводите се нарекуваат фантазии, а ДУИ е обвинета за криминал и за манипулации. Премиерот Мицкоски е дециден: нема предвремени избори, победникот е јасен и плановите се веќе во изработка. Наместо фокус на општинските проблеми, 19 октомври станува генерална проба за следната голема политичка конфронтација

 

Иако фокусот формално е ставен на локалните избори закажани за 19 октомври, реториката на партиските лидери одамна ја надмина рамката на општинските теми. ДУИ директно најавува изборен пораз на Мицкоски и на коалицијата „Вреди“, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ праќа политички емисари и дека зад кулисите се водат игри за власт. Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски е дециден: предвремени парламентарни избори нема да има, а победникот на локалните е веќе јасен. Наместо дебати за локални проекти, се отвораат фронтови за парламентарни теми, а 19 октомври полека се претвора во генерална проба за следната голема политичка битка. Премиерот Христијан Мицкоски и вчера јасно порача дека е јасен победникот на претстојните локални избори и дека партијата веќе размислува за денот потоа. На новинарска забелешка дека се вжештува реториката на политичарите како што се наближуваат изборите, Мицкоски рече дека тој се труди пораките што ги испраќа да се пораки над ситуацијата, тоа да се пораки на смирување, но дека во време на избори, логично е да постои искра во одредени општини во Македонија.

– Би било нелогично ако не е така. Иако е јасен победникот на овие локални избори, ние веќе правиме план за денот потоа, бидејќи денот потоа ќе значи силна Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата и огромен број општини предводени од владината коалиција. Размислуваме за денот по изборите – изјави вчера премиерот Мицкоски.

Во однос на тоа дали е задоволен од предложените кандидати за градоначалници, премиерот вели дека се труделе да бидат објективни и врз основа на она со што располагаат, како информации, да ја донесат најдобрата одлука.

– Имам доверба во секое едно од предложените кадровски решенија. Имам доверба дека ќе покажат вонредни резултати. Тука сме ние секојдневно да ја мониторираме нивната работа и доколку гледаме дека има намалување на динамиката и на темпото на реализација на политиките што се ветени кон граѓните, да ги опоменеме. Така што никој не е вечен и никому ништо не му е гарантирано и однапред априори дадено. Секој ќе мора да се потруди максимално, мора тоа што се ветува пред граѓаните и да се испорачува – рече Мицкоски.

Во исто време, партиите и вчера си упатија меѓусебни обвинувања.

По изјавата на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, дека синхронизираните изјави дека нема да има предвремени избори се „знак на паника“ кај ВМРО-ДПМНЕ и кај „Вреди“ и неговото тврдење дека стравот од резултатите ја натерало ВМРО-ДПМНЕ да испраќаат „емисари“ кај ДУИ со предлог да влезе во Владата по локалните избори, експресно стигнаа остри контраобвинувања од двете посочени партии на власт.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение, му порачаа на Османи дека наводните „емисари“ се сценарија што постојат само во неговата фантазија.

– Со вакви изјави, Османи се обидува да ја прикрие паниката во која се наоѓаат ДУИ и СДС пред сигурниот изборен пораз. Ситните трикови на грофот од Зајас не минуваат ниту во детска градинка. ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно порачува: единствените „емисари“ што ги праќаме се оние што ја носат пораката на народот, а тоа е одговорност за криминалниот картел ДУИ – СДС. Одговорност за Али, Заев, Филипче, Груби и за Османи. Токму на локалните избори овие две структури конечно и формално ќе завршат таму каде што одамна им е местото, на буништето на историјата. Бујар Османи денес е ништо друго, освен последниот портпарол на криминалниот картел, кој граѓаните го препознаа. Но, неговата одбрана е залудна. Нема повеќе политичко мешетарење, нема пазари зад грбот на народот – велат од партијата.

Од „Вреди“, пак, истакнаа дека во седиштето на ДУИ треба да се инсталира детектор на лаги, затоа што „количеството лаги што ги пласира ДУИ на секој свој јавен настап е толку дрско, што со право јавноста се сомнева дека почнале да веруваат во сопствените измислици“.

– Граѓаните и јавноста се збунети. Кога го слушаат Бујар Османи добиваат впечаток дека тој е во заблуда дека се кандидира на претседателски, а не на локални избори. А тој пустиот бидејќи никогаш немал контакти со жителите на Чаир, а реално не му се познати надлежностите на општината, бара сламка за спас во национални теми, велат од Вреди.

Претходно, обраќајќи се пред граѓаните во Чаир, Османи го нарече последниот бран синхронизирани изјави дека нема да има предвремени избори – „знак на паника“ од очекуваниот пораз на „Вреди“. Османи тврдеше дека токму стравот од резултатите ја натерало ВМРО-ДПМНЕ да испраќа „емисари“ кај ДУИ, со предлог да влезе во Владата по локалните избори.

– Кога излегуваат координирано со исти изјави дека нема да има парламентарни избори, тоа е знак на паника. Тие се во паника. Секој ден ни испраќаат емисари за да влеземе ние во Владата по изборите во октомври. Директно од ВМРО ДПМНЕ. Затоа што ги гледаат резултатите. Резултатите се три спрема еден – рече Османи.

Тој порача дека нема да помине такво сценарио.

– Ние не сме народ што може да го потценуваат, излези ти, влези ти. Не може повеќе да нè подредувате. Може да седнете со нас, со победникот. Не со нас како такви, туку со победникот. Со оној што има еден глас повеќе од албанскиот народ – изјави Османи, инсистирајќи дека секоја легитимна влада мора да се формира во соработка со политичкиот претставник што ќе ја добие довербата од мнозинството албански гласачи.

Од ДУИ реагираа и преку соопштение. Порачаа дека Албанците не прифаќаат вазали, туку дека самите ги избираат своите претставници.

– Секој ден кога повторува дека нема да има предвремени избори, Мицкоски, всушност, признава една горчлива вистина: тој е свесен за неминовниот пораз што ги очекува неговиот политички проект и неговиот албански вазал, „Вреди“. Овој страв не е случаен. Албанците јасно разбраа дека „Вреди“ не е нивни избор, туку инструмент на Мицкоски за да ги држи Албанците покорени. Кандидатите на „Вреди“ немаат никаква легитимност, затоа што се инсталирани од ВМРО и се само фасада на една антиалбанска политика што има цел да ги врати Албанците назад, во периодот пред 2001 година – стои во партиското соопштение.

Оттаму додаваат дека вистината е дека Албанците никогаш нема да прифатат да бидат претставувани од такви вазали, а резултатот на локалните избори ќе биде толку јасен, толку недвосмислен, што ќе ја натера државата да се соочи со предвремени парламентарни избори.

– Мицкоски може десетици пати да го повторува спротивното, но гласот на Албанците на 19 октомври ќе го направи невозможно бегството од оваа реалност.

Претходно, во саботата, премиерот Христијан Мицкоски недвосмислено им порача на интегративците да престанат да ги лажат своите гласачи, затоа што предвремени парламентарни избори нема да има.

– Се зборува за предвремени избори. Анкетите покажуваат дека ако се одржат, ВМРО-ДПМНЕ би имала сигурно над 62-63 пратеници, стабилно мнозинство со силна реформска агенда. Но, да не се лажеме, предвремените избори значат и  загубено драгоцено време. ДУИ ја експлоатира темата за да собира клиентелистички гласови, лежејќи ги своите гласачи дека ќе прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Им порачувам, кај мене, како претседател на Владата, а пред сè како човек, се важни принципите, а не комбинациите. Не интриги, не политикантство. Престанете да го лажете сопственото гласачко тело. Тоа е нечесно и некоректно кон луѓето што ги манипулирате со години. Како владејачка коалиција, убедливо ќе ве поразиме – рече Мицкоски.

На иста линија беше и изјавата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити. И тој порача дека владината коалиција е едногласна за ставот дека нема потреба од предвремени избори.

– Има пред нас речиси три години од мандатот со утврдена програма, проекти и ветувања пред граѓаните. Интензивно работиме на нивна реализација. Владината коалиција едногласно е на ставот дека нема потреба од предвремени избори, зашто тие се непотребни трошоци за граѓаните. ДУИ имаше шанси последните осум години, кога раководеше и со МНР, но ни милиметар не ги раздвижи работите во правец на европска интеграција. Затоа нема морално право да критикува или да зборува на оваа тема, а Владата останува посветена и еден од приоритетите е токму европската интеграција – рече Меџити.

 

ИЗДВОЕНИ