Првата дама на Турција, Емине Ердоган, ѝ испрати писмо на првата дама на САД, Меланија Трамп, со апел Американците да покажат исто сочувство кон децата и цивилите во Појасот Газа, како што покажаа кон жртвите на војната во Украина.
Во писмото, Емине ја повикува Меланија да стапи во контакт со израелскиот премиер и да се заземе за заштита на децата во Газа. Таа потсетува на претходното писмено обраќање на Меланија Трамп до рускиот претседател Владимир Путин, во кое изрази загриженост за киднапираните украински деца.
-Верувам дека големата чувствителност што ја покажавте кон 648 украински деца ќе биде покажана и за Газа, пишува Ердоган, наведувајќи дека во последните две години во Појасот Газа загинале повеќе од 62.000 цивили, меѓу кои околу 18.000 деца.
Таа дополнително оценува дека таму не се случува само „геноцид“, туку и „неправда во меѓународниот поредок кој ги цени животите на некои луѓе повеќе отколку на другите“.
-Како мајка, жена и човечко суштество, длабоко сочувствувам со емоциите што ги изразивте во вашето писмо. Се надевам дека ќе имате иста надеж за децата од Газа, додава Емине Ердоган во писмото кое Белата куќа засега не го коментираше.