Елмази: Се справуваме со акумулиран долг од 170 милиони денари 

102

Ревизорскиот извештај за Општина Сарај, кој беше објавен на втори декември годинава и со кој беа откриени низа неправилности, меѓу кои: неевидентиран имот, инфраструктурни објекти без технички прием и незаконски спроведена постапка за 25-годишен даден закуп на спортско-рекреативниот објект и базен, е доставен до Јавното обвинителство.

Од Обвинителството информираат дека извештајот ќе биде распореден на јавен обвинител, кој ќе ги провери наводите и ќе испита евентуални елементи на кривично дело.

Дека состојбата во Општината била хаотична и со долгови, денеска, на прес-конференција, потврди и градоначалникот Мухамед Елмази. На прес-конференцијата, тој ја презентираше, како што кажа, вистината за тоа како е управувана оваа општина со години и зошто не успеала таа да ги обезбеди дури ни најосновните услуги.

– Во текот на внатрешната анализа во сите сектори, утврдивме дека Општината се справува со акумулиран долг од 170 милиони денари, тежок товар за граѓаните и за секој проект што треба да се започне во оваа општина. Овие обврски се документирани и имаат јасно име: на градинките им се должат 15 милиони денари, на ЈОП „Сарај“ 28 милиони денари, на компанијата „Акциос“ за јавно осветлување пет милиони денари, додека на ЈОП „Делта“ – три милиони денари –  истакна Елмази.

Тој наведе дека токму поради овие долгови биле блокирани сметките на Општината, со што било оневозможено обезбедувањето основни услуги за граѓаните. Смета дека оваа состојба е резултат на  неконтролирано трошење и на неодговорни одлуки што биле носени со години.

Додаде дека во интерната анализа откриле сомнителни договори, неразумни договори и трошоци направени, како што кажа, без милост. – Ова се практики што немаат никаква врска со јавниот интерес и што ја втурнаа Општината во финансиски хаос. Сите се документирани и надлежните органи се известени, бидејќи ова ново општинско раководство не штити никого и не ги затвора очите пред злоупотребите. Извршителите се сè уште активни и секој ден постои ризик од нови блокади. Ова е реалноста што ја откривме, општина заглавена во долгови и неорганизирана – потенцираше Елмази.

Тој најави дека почнале да воспоставуваат финансиски правила, да ја зајакнуваат внатрешната контрола и да ја зголемуваат транспарентноста на највисоко ниво, дека ќе го вратат нормалното функционирање на Општината и дека ќе го гарантираат исполнувањето на ветувањата, поставувајќи стандард на општинска администрација што работи само за граѓаните и во интерес на граѓаните.

Инаку, според ревизорскиот извештај, освен неевидентиран имот, инфраструктурни објекти без технички прием и незаконски спроведена постапка за 25-годишен даден закуп на спортско-рекреативниот објект и базен, Општина Сарај во 2024 година исплатила речиси половина милион евра субвенции на јавни претпријатија без никаква програма и без да приложат фактури. Во Општината се ангажирале лица со договор на дело за редовни административни работи, со месечни паушални исплати за речиси 100.000 евра, но се финансирале и здруженија и поединци за над 70.000 евра, без правилник со критериуми за распределба на средствата.

Ревизорите укажаа и на други пропусти.

– Поради необезбедена документација за извршен технички прием, инфраструктурните објекти (примарна и секундарна канализациска мрежа, системи за одведување и пречистување на отпадните води, за водоснабдување, изградба и реконструкција на локални улици и патишта), со вредност од 128.992 илјади денари, односно 2.097.431 евра и покрај тоа што се користат, не се официјално воведени во употреба и се водат како инвестиции во тек без да се пресметува амортизација – се наведува во ревизорскиот извештај. 

Извештајот, исто така, утврдил дека базенот во Сарај бил даден под закуп незаконски.

– Спортско-рекреативниот објект и базен во Сарај е издаден под закуп на период од 25 години, без спроведување на законски пропишаната постапка за долгорочен закуп, каде што секој договор за користење/издавање недвижен имот што надминува 10 години се смета за постапка за трајно отуѓување или долгорочен закуп и за правно валидно издавање на тој имот, мора да следуваат посебна постапка, согласности и дополнителни одобренија – потенцираа ревизорите. 

Утврдени се слабости и во јавните набавки. Општината реализирала набавки над вредносниот праг во вкупна вредност од 27.214 евра, што претставува надминување за 15.214 евра над законскиот лимит.

Инаку, Финансиската полиција неодамна поднесе до Основното јавно обвинителство кривична пријава против неколку лица, поранешни функционери и службеници во Општина Сарај.

Со пријавата се опфатени поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, двајца општински секретари, двајца раководители на Секторот за урбанизам и еден помлад соработник.

Сите се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ