Божиќната радост во Витлеем исчезна кога Хамас го нападна Израел и почна војната во Појасот Газа, во 2023 година. Прославите до оваа година беа симболични, колку за одржување на традицијата, со многу малку луѓе и со фокус на религиозните церемонии. Во текот на двете години од војната во Газа, сите јавни божиќни прослави беа откажани од почит кон страдањето и жртвите на палестинскиот народ. По неодамнешното примирје, кое, за жал, е кревко и несигурно, Светиот Град одлучи годинава да се вратат јавните прослави

Скромен број православни христијани допатуваа во Витлеем, библискиот град на Западниот Брег, познат како родно место на Исус Христос, за да го прослават Божиќ. Бројот е скромен во споредба со минатото, кога тој ден таму го празнуваа по неколку илјади луѓе од целиот свет, но е многу значаен, зашто одбележувањето на Христовото раѓање во овој свет град за христијаните се обновува по две години.
Божиќната радост во Витлеем исчезна кога Хамас го нападна Израел и почна војната во Појасот Газа, во 2023 година. Прославите до оваа година беа симболични, колку за одржување на традицијата, со многу малку луѓе и со фокус на религиозните церемонии. Во текот на двете години од војната во Газа, сите јавни божиќни прослави беа откажани од почит кон страдањето и жртвите на палестинскиот народ. По неодамнешното примирје, кое, за жал, е кревко и несигурно, Светиот Град одлучи годинава јавните прослави да се вратат. Тоа симболично беше означено со палење на светилките на огромната божиќна елка на плоштадот пред историската црква на Христовото раѓање.
На 25 декември минатата година, во Витлеем први славеа католиците, според јулијанскиот календар. На 7 јануари, според грегоријанскиот календар, камбаните ќе бијат и ќе се богослужи за православните христијани и за верниците на грчкокатоличката црква, а на 19 јануари, според стариот соларен јулијански календар, на ред се верниците на ерменската апостолска црква.
Да, во Витлеем Божиќ се слави трипати! Трите цркви ја следат ситуацијата статус кво воспоставена во 1852 година, што овозможува сите да можат, според одредениот распоред, да ги одржуваат своите служби во базиликата на Христовото раѓање, изградена кај пештерата каде што се родил синот Божји.
Во годините кога славењето на православниот Божиќ во Витлеем беше нешто вообичаено, на плоштадот пред елката се собираа илјадници луѓе – Палестинци и православни христијани од целиот свет. Богослужбата почнуваше на полноќ, меѓу 6 и 7 јануари, со присуство и на палестински функционери, вклучувајќи го и претседателот на државата, Махмуд Абаз. Годинава, малобројните гости од странство повторно очекуваат величествена прослава. Пред сè, се надеваат дека празничните денови ќе поминат мирно, без пукање и жртви.
Претходно, прославата на католичкиот Божиќ, на 25 декември, со која се обнови старата традиција, помина достоинствено. Илјадници луѓе се собраа на плоштадот за првото јавно одбележување на празникот од 2022 година. Семејствата го исполнија платото пред црквата, насмеани се сликаа пред елката. Но, повеќето од луѓето беа локални жители, а само мал број беа странци. Богослужбата ја водеше кардиналот Пјербатиста Пицабала, највисокиот католички лидер во Светата Земја, кој пристигна во Витлеем од Ерусалим и повика на „Божиќ полн со светлина“.
– И покрај ограничувањата на Израел, Витлеем се подготвува да го прослави Божиќ со радост и среќа, рече портпаролот на палестинското Министерство за туризам, Џерџес Кумсија, за агенцијата „Анадолу“, во пресрет на свеченоста по повод католички Божиќ.
Тој пренесе и божиќна порака до верниците.
– Божиќната порака е да останеме среќни и покрај болката и страдањето во родното место на Исус поради (израелската) окупација, рече Кумсија.
Но, враќањето на елката и на светилките во разни бои на улиците на Витлеем не помина без контроверзии, зашто страдањето во Газа не е завршено.
– Некои ќе речат дека не е соодветно, а други дека е. Но, длабоко во моето срце чувствував дека тоа е вистинскиот потег, зашто Божиќ никогаш не треба да се запре или да се откаже. Тоа е светлината на надежта за нас – рече градоначалникот на Витлеем, Махер Канавати за „Би-би-си“.

Мирот во Газа нема да ја врати само божиќната радост, туку и животната радост во Витлеем, кој сега, без туристи, доживеа економски колапс.
– Тоа беа две лоши години тишина, без Божиќ, без работа. Сите живееме тука од туризмот, а туризмот падна на нула – додаде Канавати.
Одлуката за јавна божиќна прослава во Витлеем ги стопли срцата на жителите, без разлика од која вероисповед се. „Би-би-си“ ја пренесува атмосферата во градот: мештаните, и христијани и муслимани, се фотографираат пред елка украсена со црвени и златни лампиони на плоштадот „Мангер“. Им се придружуваат странски туристи. Улиците сега се украсени со шарени светилки, има и постери со кои се најавуваат божиќни базари и забави за деца. Хотелите, кои беа претежно празни во последните две години, сега примаат голем број резервации од палестински граѓани на Израел, како и од некои странски туристи.
– Многу сме среќни што пред сè, повторно имаме елка, што гледаме странци во Витлеем и што можеме да го прославиме Божиќ во неговиот вистински дух. Сè започна тука, па оттука можеме да испратиме порака до светот за тоа каков, всушност, треба да биде Божиќ. И оваа година, ако Божиќ е мирен, се надевам дека ќе пренесе убава порака до целиот свет – вели локалната дизајнерка на накит, Наѓа Хазбун, за британскиот радиодифузен сервис.
Според статистичките податоци, пред војната, Витлеем го посетувале по повеќе од три милиони туристи годишно.
Витлеем значи куќа на лебот, куќа на војната или куќа на месото
Витлеем е сместен на Западниот Брег и е под палестинска управа. Во него е роден и пастирот Давид, кој подоцна ќе стане крал на Израел.
Името Витлеем има неколку значења на неколку јазици, затоа што низ историјата бил населен од многу народи. Потекнува од еврејските зборови леб и куќа и, во основата, значи куќа на лебот. Но бидејќи зборовите леб и војна потекнуваат од ист корен, може да се толкува и како куќа на војната. На арапски, пак, Витлеем значи куќа на местото и се верува дека тоа се однесува на сточарството и производството на месо кое ги имало на тоа подрачје.
Благодарение на археолошко откритие од 2012 година, се знае дека Витлеем постоел во осмиот или седмиот век пред нашата ера. Ископувања во Ерусалим откриле дел од печат на кој се споменува зборот Витлеем, а се верува дека се користел за жигосување животни.

Христијанското население го снемува
Христијанското население во Витлеем го има сè помалку. Ако во 1950 година повеќе од 85 проценти биле христијани, во 2016 бројот е сведен на 12 проценти. Многу е веројатно дека сега има уште помалку христијани.
Папата Франциск, во една пригода, се осврна на ова прашање и рече: „Нема да прифатиме идеја за Блискиот Исток без христијани“.
Во Уругвај, наместо Божиќ, се слави Ден на семејството
На 25 декември, Уругвај не го слави Божиќ и Христовото раѓање, туку Денот на семејството, бидејќи законот за одвојување на црквата од државата, усвоен во 1919 година, официјално ги укина сите католички празници. Со тој закон Богојавление стана Ден на децата, а Страсната седмица (последната недела пред Велигден) стана Ден на туризмот.
Според весникот „Кларин“, 47,2 проценти од уругвајското население се изјаснува како без религија, 42 проценти како католици, 1,2 проценти се идентификуваат како атеисти и 0,3 проценти како агностици.
Сепак, Католичката црква не се откажала од надежта дека ќе ја врати контролата врз божиќните прослави. Од 2016 година, секој декември, Архиепископијата Монтевидео почнува „иницијатива за евангелизација за враќање на христијанското значење на Христовото раѓање во секуларизирано општество“, објави „Ватикан њуз“.












