Елизабета Дуковска поднесе жалба на пресудата која ја повлече од функцијата уставен судија

858

Уставната судијка Елизабета Дуковска ја продолжува правната битка за легитимноста на нејзиниот избор. Иако во пресудата со која беше повлечена од работа и одлучување во Уставниот суд не и беше дадено правото да се жали, сепак таа повикувајќи се на Уставот, поднесе жалба до Управниот суд. Паралелно со жалбата тече и процесот кој го покрена пред Судскиот совет за разрешување на шесте судијки од Управниот и Вишиот управен суд кои одлучувале по тужбата поднесена од нејзината противкандидатка судијката Антоанета Димовска надвор од законскиот рок.

„Управниот суд не утврдил дека покрај тужителката и јавниот орган како странки, во постапката за управен спор се јавува и заинтересирано лице. Правниот интерес на ова заинтересирано лице е правото да врши јавна функција — судија на Уставниот суд. Имено правото на жалителката судија Елизабета Дуковска загарантирано со членот 23 од Уставот кој предвидува дека „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.” и било ускратено со Пресуда У-5.бр. 380/2025 од 15.05.2025 година“ стои во жалбата на Дуковска

Повлечената уставна судијка прашува како може да дојде до извршување на пресудата, кога во правната поука не ѝ било дадено право на жалба.  Без никаква расправа или известување до неа како странка, судијките донеле пресуда од 13 страници напишана во еден ден. Дуковска пресудата против нејзиниот избор ја нарече скандалозна и можеби однапред зацртана и нарачана.

„Ваквите судии треба да понесат одговорност и да бидат разрешени поради очигледно самоволие изразено со постапување по овој предмет и тоа под очигледно влијание од член на Судскиот совет“ обвини во преставката до Судскиот совет Дуковска.

 

ИЗДВОЕНИ