И додека скопјани мака мачат со водата, градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски, издупчи дупка во земјата за водоснабдување на населеното место Катланово, со цел надополнување на постојната водоводна мрежа
Додека е сардисано Скопје од пожари, делови од него се без вода неколку дена, особено оние што живеат во елитната населба на Водно и во Пржино. Прекуден немаат вода, а добиваат само во ноќните часови.
– Од неделата добиваме вода само во ноќните часови, а во текот на денот немаме. Што да прават постарите лица без вода, како и ние што имаме бебиња? Никој не заслужува да не протече ни капка вода од чешмите. Како да се избањаме, како да переме? – прашува една станарка во зграда на Водно.
Од Општина Центар бараат ЈП „Водовод и канализација“ да им го реши проблемот со водоснабдувањето и да обезбеди нормално снабдување со вода.
Од Град Скопје секојдневно апелираат за рационално користење на водата.
– Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира пивка вода колку што трошат дел од жителите. Изворот Рашче, среде суша со високи температури, има намален капацитет и секој ден се откриваат по 30 диви приклучоци од кои се наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, за полнење базени. Тие не плаќаат ни денар, затоа нерационално трошат. Ја добиваат за џабе, а МВР не постапува – велат од Град Скопје.
И додека скопјани мака мачат со водата, градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски, издупчи дупка во земјата за водоснабдување на населеното место Катланово, со цел надополнување на постојната водоводна мрежа, особено во летниот период, кога е зголемена потрошувачката на вода.
– По добивањето на резултатите за техничката исправност, водата ќе биде пуштена за употреба во водоводната мрежа. Се преземаат активности за уште една „бушотина“ за дополнување на водоснабдувањето во населеното место Сушица, бидејќи и таму, во летниот период, се јавува недостиг на вода за задоволување на потребите на месното население. Општина Петровец ја следи ситуацијата со водоснабдувањето на целата територија и доколку се јави проблем и недостиг на вода во кое било населено место, соодветно и благовремено ќе реагира – потенцира Митевски.
(С. Бл.)