Елфете Исмаили од Алијанса на Таравари поднесе оставка од функцијата заменик-министер за одбрана

281

Елфете Исмаили, кадар на Алијанса за Албанците и актуелен заменик-министер за одбрана, реши да го следи својот партиски лидер Арбен Таравари и денеска поднесе оставка на својата функција. Во оставката таа им се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски и на Арбен Таравари.

Во нејзиното соопштение се наведува дека во досегашното вршење на функцијата се однесувала посветено.

-Денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата заменик-министер за одбрана на Република Северна Македонија. При вршењето на оваа функција се раководев од институционална посветеност, транспарентност и одговорност кон граѓаните и државниот интерес. Мојата оставка е резултат на продлабочена лична и професионална проценка, сметајќи дека ова е неопходен чекор и во согласност со моите убедувања. Сакам да изразам благодарност до премиерот, господин Христијан Мицкоски за довербата и можноста да бидам дел од тимот, кој во еден чувствителен период за одбраната и безбедноста на државата понесе значајни обврски. Исто така, посебна благодарност до претседателот на Алијансата за Албанците, господин Арбен Таравари, за поддршката и довербата што ми ја даде достојно да ја претставувам нашата партија и општество на оваа висока функција – напиша таа, додавајќи дека поддршката на институциите и придонесот во служење на јавниот интерес секогаш ќе остане нејзин приоритет.

Во изминативе денови, таа на својот фејсбук-профил објавуваше постови со поддршка на Арбен Таравари, кој неодамна поднесе оставка на функцијата министер за здравство. Во крилото на АА, предводено од Таравари, во тек е престројување на кадрите кои решаваат дали и натаму ќе останат на досегашните функции или ќе поднесат оставки и ќе заминат во опозиција. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ