Потресно, а за среќа, лажно! Разбирам да ми ги измислуваат мажите, те со оној те со овој сум била, на сето тоа отрпнав, ама што е сега ова? Нечија одвратна морбидна одмазда. Јас со никој не сум скарана! Дали имаат малку мозок па да помислат дека имам деца, потесно семејство и роднини кои ме сакаат? Или ова е врвот на нивната беда на умот?
Во последно време, лажните вести за популарните личности често се појавуваат на социјалните мрежи, а и на голем број портали. Грешката е кај оние што не ја проверуваат веста, туку механички ја објавуваат, па потоа мора да демантираат. Сето тоа е далеку од новинарство. Но што е тука е, па така, деновиве една морбидна вест ја потресе Македонија.
Станува збор за „самоубиството“ на популарната фолк-пејачка, Елена Велевска. Во лажната објава пишува дека Елена се обесила и дека оставила проштално писмо кое го адресирала до обожавателите и до нејзините во семејството. Сите беа избезумени! Па, отпосле разбраа дека е гнасна лага.
– Грозно, погрозно не може да биде, вели разбирливо потресената Елена. Разбирам да ми ги измислуваат мажите, те со оној те со овој сум била, на сето тоа отрпнав, ама што е сега ова? Нечија одвратна морбидна одмазда. Јас со никој не сум скарана! Дали имаат малку мозок па да помислат дека имам деца, потесно семејство, роднини кои ме сакаат? Или ова е врвот на нивната беда на умот, духот и човечноста, можеби некоја необјаснива омраза кон мене, раскажува разубавената пејачка.
И покрај сè, она веќе наголемо се подготвува за новогодишните и за божиќните празници. Има полни раце работа, има многу настапи, што е нормално за неа, особено во овој дел од годината. – Токму затоа, пред сè, најмногу поради моите дечиња, треба да се стави крај на овие измислици. Има толку многу убави работи за кои треба да зборувам и јас, а и со вас новинарите. На пример, за мојата кариера, за новите мелодии, за моите меѓународни успеси, за македонската песна чиј амбасадор сум во странство. Да не им даваме на значење на злобниците. Тие секогаш гледаат да ми напакостат. Веројатно многу им пречам?! Да бидеме хумани луѓе. Да ги игнорираме сите оние што се обидуваат да ни ја уништат среќата. Секому да подариме насмевка бидејќи животот е многу убав, вели оваа мила пејачка.
Инаку, секогаш атрактивната пејачка, во приватниот живот има три деца, две ќерки и син. И тоа од бракот, кој за жал, ѝ се распаднал. Но, таа остана многу горда мајка.
– Да се биде мајка е едно од најубавите чувства за која било жена. Тоа е големо признание и најголем епитет. Кога се станува мајка, тоа значи дека не ти е тешко ништо да направиш за своето дете. Јас секогаш ги советувам младите да не остануваат без деца, затоа што сè е минливо, само љубовта кон своите чеда останува до крајот на животот, вели искрено, распеана и разнежена Велевска. (Д. М.)












