“Ова не е само некоја обична свадбарска песна, туку ова е срце ставено на хартија и преточено во ноти. Верувам дека луѓето ќе ја почувствуваат мојата искреност“
Популарната македонска фолк-пејачка и најпознатата македонска гајдаџика Елена Јовческа повторно ја допира душата на нашата публика. Таа има најнова песна, се вика „Невеста да бидам“, во продукција на Арт-Студио.
Првично песната беше насловена некако патриотски со насловот „Свадба правам Македонијo“, но отпосле доби ново име и сега сите ја знаат како “Невеста да бидам“. Згодната пејачка заедно со режисерот Дејан Ѓоргиев и продукцискиот тим, го одбра новиот наслов „Невеста да бидам“, сметајќи го за универзален затоа што Јовческа настапува и пред странската публика, не само пред нашата. Невестата е за сите тоа истотото: главната фигура на секој свадбен настан – синоним на љубовта, бракот и новите животни почетоци.
Спотот е снимен во етно-локацијата „Благи Бог“ во село Дуње, каде преку кадри од старата македонска куќа, обичаи и народни носии, се доловува духот на автентичната македонска свадба. Со учеството на КУД „Мирче Ацев“, видеото добива силен фолклорен белег, а актерската двојка Филип Талески и Натали Павловиќ внесуваат емотивни нишки во ролите на младоженец и невеста.
Музиката ја напиша Зеки Бекир, а за аранжманот се погрижи маестро Никола Кочанковски – Кочан. Текстот е производ на Јовческа, што ѝ дава уште повпечатлива тежина на композицијата.
-Ова не е само некоја обична свадбарска песна, туку ова е срце ставено на хартија и преточено во ноти. Верувам дека луѓето ќе ја почувствуваат мојата искреност, изјавува Елена. Таа ја нарекува соработката со Арт-Студио „творечко сојузништво исполнето со професионализам и човечка топлина“.
Со новиот хит „Невеста да бидам“, Елена само уште еднаш го потврдува својот силен статус на македонската естрада. Пејачка која не само што пее со душа, туку знае и преку песната да ни ја долови љубовта и гордоста на секоја невеста. Таа уште верува во бракот, како институција, но и во оние вечните македонски традиции кои се пренесуваат од колено на колено. (Д.М.)