Елена Гули, внука на легендарниот Питу: Дедо ми знаел дека ќе загине, но не отстапувал од идејата за слободна Македонија!

126

Elена Гули е единствениот директен потомок на славниот Питу Гули, внука од најмалото од четирите деца на војводата, и со Трајко Карев, еден од четворицата внуци од најстариот брат на Никола Карев. Секој од нив, и во осмата и деветтата деценија од животот, живее со приказните, со гордост на своите предци, пренесе МИА.

Елена Гули, 85-годишната внука од најмалиот син на Питу Гули, Стерју, единствен, како што вели, директен потомок од „крвта“ на големиот војвода, својата приказна посака да ни ја раскаже токму на Мечкин Камен. На местото на последниот здив од животот на нејзиниот славен дедо. Иако, реално, вистинската битка била барем 500 метри подоле од денешниот споменик.

Приказната за својот дедо Питу Гули, Елена ја почнува со фактот дека за нејзиниот дедо речиси немало кој да ѝ раскажува. Без татко останала на четири години, а за деда си најмногу слушала од фамилијата на нејзината баба, сопругата на Питу Гули.

Елена е во едно сигурна: нејзиниот славен дедо бил темпераментен јунак, посветен на идеалите за слободна Македонија, а сите жртви биле токму поради тоа.

– Првите сеќавања за дедо ми, Питу Гули, се од тоа што ми кажувале, малку мајка ми, а најмногу од фамилијата на баба ми, или поконкретно од фамилијата на жената на дедо ми, Питу Гули. Фамилијата на баба ми е Теље. Таму бил женет дедо ми, Питу Гули. Ми кажуваа дека од дедо ми немало поголем јунак во Македонија. Фамилијата била разочарана дека ги оставил и загинал, вели Елена Гули.

Питу Гули имал бурен живот. Седум години бил во турски затвор во Анадолија. Последиците од прангите на нозете ги имал цел живот. Повредените нозе никој не можел да ги забележи кога бил качен на коњ.

Бил неуморен и секогаш бил во движење. Ги анимирал луѓето од цела Македонија, барал, ги убедувал, агитирал да не трпат и да се кренат против турските зулуми.

– Бил човек со голема храброст. Не се плашел од ништо. Ја крстосувал Македонија, влегувал во секоја борба, организирал групи, млади луѓе… Алиштата ги соблекувал од себе, ги давал на сиромашните. Собирал оружје, востаници. Од Штипско, од Велешко, од сите страни и села – гордо вели Елена Гули.

Пресвртницата се случила по средбата со Гоце Делчев во Штипско кој сфатил дека Питу Гули е „роден“ за војвода во Крушево.

– Дедо ми никогаш не можел да ги трпи „зулумите“ на Турците. За него било единствено важно Македонија да биде слободна. Кога се вратил од затвор, го продолжил своето револуционерно движење. Се здружил со чети во Велес. Одел секаде, се борел, немал страв од ништо. Тогаш повеќепати се сретнал со Гоце Делчев. Во Штипско. Гоце Делчев слушнал за него и го викнал. Рекол – ако треба некој да биде војвода, тоа е Питу Гули. И тоа во Крушево – раскажува Елена Гули.

Елена цврсто го брани ставот на дедо си дека востанието требало да се крене веднаш, а не да се чека подоцна, за што, според неа, се залагал Никола Карев. Но, откако одлуката била донесена дека ќе има востание, двајцата безбрезервно работеле на тоа.

– Реално, сметам дека Питу бил во право за кревањето на востанието. Ако не било тоа, немаше Македонија да има Република. Имало многу Турци. Имало касарна. Правеле многу зулуми. Што им бил изборот? Да се кренат! И така се основа првата Република на Балканот – вели Елена.

 

Признава дека нејзиниот дедо бил темпераментен. И јас сум на него, со насмевка вели. Се што имал, го давал на другите.

– Повремено ги гледал неговата жена и децата. Ама бил посветен на револуцијата. Од селата и фамилиите „собирал“ комити. Ако имало двајца во семејството, еден одел комита. При обиколување на крајот, видел дека во селото Света имало Турчин кој правел зулуми. го владеел селото. Питу го отепал и ги зел неговите алишта – ги пренесува Елена приказните што ѝ ги раскажувале за дедо и.

Најомилена и е таа кога Питу Гули бил во Кичево кај фамилијата Зердевци каде оставил три пушки, како наследство за неговите синови да продолжат по неговите стапки.

Елена Гули вели дека цел живот се бори како нејзиниот дедо. Да опстане. Заедно со потомците.

Дедо ми знаел дека ќе загине за Македонија. И неговите деца не сакале мирно дома да седат. Се бореле. Дедо ми целосно верувал во ослободувањето на Македонија. И јас сум премногу горда на тоа. Ја носам последната капка крв од Питу Гули. Кој сака нека дојде, јас сум наследник на Питу Гули. И целата моја фамилија. Горда сум на тоа. И од никој не барам ништо – гордо го завршува разговорот единствениот жив директен потомок на војводата Питу Гули.

Елена Гули е задоволна од почитта што ја има семејството. Нејзиниот дедо е во химната. На младите им порачува да останат во Македонија.

ИЗДВОЕНИ