Интервју за весникот ВЕЧЕР и за порталот vecer. press со популарната пејачка
„Има многу песни кои ми се драги и ги интерпретирам со голема емоција. Лесно ме совладуваат емоциите за време на моите настапи, но вешто ги сокривам за да не ме надвладеат во однос на мојата интерпретација.“
Елена Андоновска, деновиве, е една од нашите најактуелни пејачки. Многумина ја бараат не само поради изјавите и поради желбата да ја слушаат, да бидат во нејзината близина, туку најмногу поради нејзиниот голем солистички концерт „Запеало славеј пиле“, кој ќе се случи на 15 декември во МОБ. Токму од таа причина, интервјуто за весникот ВЕЧЕР и, воедно, за порталот vecer.press го реализиравме со особено задоволство. Што ја прашавме и што интересно ни одговори таа, прочитајте малку подолу. Нема да се каете за одвоеното време. Елена, уште од својата 14 година милозвучно пее, а со славејски глас покрај новите, ги интерпретира и песните на македонските доајени на народната музика. Веќе на 16 години стана амбасадор на македонските ора, танци и песни како член на „Танец“. По професија е етнокореолог, а приватно е сопруга на господинот Маријан и мајка на три сина, Јосиф, Андреј и Лазар.
0Што те мотивираше да се одлучиш да направиш солистички концерт и тоа во ова, не баш среќно време, кога голем број пејачи, исто така, имаат концерти, и овие од дома и оние од странство, со што ексклузивно ќе нè израдуваш на самиот концерт, кои ќе ти бидат гостите?
– Главниот и појдовен мотив за реализирање на овој концерт беше публиката. Постојано бев прашувана кога ќе се случи концерт, но и како артист со долгогодишно сценско и музичко искуство, сметам дека тоа ѝ го должам на публиката. Точно е дека во овој период од годината има многу концерти и искрено тоа ме радува, но во никој случај не ме плаши. Колку повеќе концерти се организираат, толку повеќе публиката ќе се насочува кон таков тип настани. Во врска со она што ќе се случува на 15 декември, како што најавив, ќе бидам заедно со повеќе од триесет музичари и артисти на сцената. Нема да откривам детали, ќе оставам публиката премиерно да доживее сè што подготвивме заедно со мојот тим.
0Како од твој агол ја доживуваш денешната македонска фолк-естрада, со оглед на тоа дека пред некоја година си била горда учесничка на концертот во спомен на легендарната Васка Илиева, па токму затоа дали е воопшто можна некоја споредба, како било некогаш, а како е сега?
– Разликата е значително голема. Во времињата кога твореле доајените на македонската народна песна, сметајќи ја и споменатата Васка Илиева, сметам дека преовладувало поголемо музичко – уметничко чувство кон интерпретирањето и афирмацијата на македонската народна песна. Преку нивните изведби може и денес да се воочи дека преовладувала голема префинетост, патријахалност, високи критериуми што се однесува до изборот на имиња кои ќе бидат присутни и успешни на естрадата. Од денешен аспект е значително поинаку. Социјалните мрежи наметнуваат поголема потреба од реклама, интензивно наметнување кај публиката. Филтерот за квалитет е сведен на комерцијализација, а визуелната перцепција преовладува во однос на звучната.
0Музиката е таа универзална сила која оплеменува и инспирира, велат дека е и терапија, па кои се песните што тебе ти се лепат за душата и од твојот репертоар и од репертоарот на твоите колеги од народната или од забавната музика? И има ли таква песна на која лесно можеш да заплачеш?
– Има многу песни кои ми се драги и ги интерпретирам со голема емоција. Ќе ги издвојам „Врба ми изникнала“, „Дали памтиш, мило либе“, „Месечино, мила сестро“, „Запеало славеј пиле“…. Лесно ме совладуваат емоциите за време на моите настапи, но вешто ги сокривам за да не ме надвладеат во однос на мојата интерпретација. Точно е дека музиката е храна за душата, па и јас, како и сите во различни периоди и ситуации сакам да слушам различни музички стилови или музички жанрови.
0 Живееме во хаотично време во кое е вистинска реткост некој искрено да се радува на туѓата среќа, да му е мило ако е некој успешен, па дали практикуваш да ги усреќуваш луѓето, да им го стимулираш убавото расположение и со што, или за жал, станавме некој сеирџиски народ? Односно, кои работи те нервираат, те онерасположуваат, можеби некој трач за тебе, или можеби црвениот минус на картичката во банка?
– Може да ме изнервираат мали ситуации и во принцип тоа е краткотрајно. Редовно споделувам со блиските кога нешто не оди како што треба и проблемот брзо се решава. Во животот сум имала ситуации кога одредени луѓе плански и свесно ми наштетувале, но во такви ситуации оставам времето да ги реши работите. Лош коментар, лоша критика, трач, не може да ме изнервира бидејќи сметам дека секој има право да одбере дали му се допаѓа или не она што јас го работам.
0Дали самата за себе можеш да кажеш дека си комплетно среќна и задоволна личност, па кога би можела да се вратиш години наназад што би кажала за себе, каква беше како девојче, а потоа каква како девојка, дали имаше многу момчиња кои ти се додворуваа, со оглед на тоа, да не се лажеме, важиш за мошне убава со преубава насмевка?
– Благодарам за комплиментите. Од денешен аспект сум комплетно реализирана како личност. Како дете важев за послушна и одговорна, истовремено бев своеглава и доста упорна, сакав да се докажувам и да си ги бранам моите ставови. Можам да се опишам како резервирана и не лесно достапна за светот околу мене, не само за момчињата во минатото. Причината за тоа е затоа што бев многу претпазлива, а тоа како особина кај мене е присутно сè до денес. Не се впуштам лесно во пријателства, во секаков тип разговори на разни теми, особено тешко споделувам моменти од мојата приватност или семејниот живот. Не се доверувам лесно. Оние пријатели, соработници, колеги кои се во моето опкружување знаат дека душата ја давам за квалитетно и за верно пријателство и сум човек кој сака гласно да се смее.
0 Но, сега си среќна мајка и сопруга, колку тоа те има изменето не само приватно туку и професионално, со оглед на огромниот број обврски во текот на денот, и дали домашните обврски, без разлика на тоа дали се машки или женски, рамноправно ги делите со сопругот, на пример, тој пегла алишта, а ти ги менуваш светилките, зошто да не, и тоа без комплекси по суетата?
– Денес сум мајка, сопруга, жена што ја работи професијата што ја сака од срце. Уште посреќна што имам силна поддршка и соработка со мојот сопруг, врска која сè повеќе се зацврстува со текот на годините, со реализирањето на проектите и со предизвиците што стојат пред нас. Семејниот живот ја зголемува динамиката, секако, но не ме забавува, напротив, ми дава поголем мотив и повеќе енергија за да се справам со сите предизвици. Семејството е секогаш на прво место и никогаш не би го жртвувала за кариерата. Со Марјан сме толку блиски што не ги делиме обврските на машки и женски. Освен ако јас или тој немаме физички предиспозиции или не ни прилега да работиме некоја работа, но секој си го знае своето место и своите обврски во домот.
0Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен, што е тоа за што сметаш дека ти е најголемата грешка и во кариерата и во приватниот живот и дали постои можност да не ги премолчуваш работите кои не ти се по ќеф, па макар и да го раскинеш пријателството?
– Не премолчувам ништо, особено кога се работи за нешто што треба да му го кажам на некој мој близок. Тоа понекогаш ме чинело скапо, но јас не сум човек што умее да биде лицемерен и да лаже. Правев грешки низ животот, но секојпат се водам според податокот дека од грешките се учи. Секоја одлука што сум ја донела, а излегло дека е погрешна, во моментот кога сум ја донела сум сметала дека е најправилна. Низ годините научив повеќе да ги слушам советите на луѓето околу мене за кои знам дека искрено ме сакаат и имаат добри намери.
0Влеговме во онаа новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер-партија, шопингувања, журки, седенки… дали уште веруваш во магијата на Дедо Мраз, и со оглед на тоа, кои се трите желби што посакуваш да ти се исполнат во Новата 2026 година, а и каде настапуваш за најлудата ноќ? И секако, за крај, која би била твојата порака до читателите на ВЕЧЕР и vecer.press?
– Ги сакам новогодишните празници и сите моменти кои се споделуваат со семејството. Овој период од годината целосно му го посветувам на семејството, на Марјан и на дечињата. Работам во текот на целата година и овие, според мене, семејни празници редовно ги поминуваме во домашен амбиент. Практикуваме да посетиме некој зимски центар и да се рекреираме фамилијарно. Мора да се направи издишка и да се собере енергија за тековната година. Според мене, не е сè во работата, заработката, во големиот список на настапи. Миговите кои се поминуваат со семејството немаат цена во парите. Затоа им порачувам на сите во Новата година: Гушкајте ги вашите најмили и нека љубовта ви биде главната водилка низ животот. Секако, сите ќе ги поканам да дојдат на 15 декември во салонот на Македонската опера и балет, и да уживаме заедно во богатата концертна програма што ја подготвив заедно со мојот тим. Дуле МИЌИЌ /фото:ФБ












