Зголемен е процентот на читање на броилата на 95 % на тримесечно ниво (на 90 % на месечно ниво), а целна група се 10.000 потрошувачи кои во последните две години имале приговори или поплаки во врска со фактурите и со кои е почната етапна телефонска комуникација. Ова е дел од сетот активни мерки што по налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад (РКЕ) ги презеде операторот на електродистрибутивниот систем „Електродистрибуција“ ДООЕЛ – Скопје.

Од РКЕ велат дека е клучно во првите недели од јануари да продолжи редовното читање, за што од „Електродистрибуција“ истакнале дека,  имајќи го предвид годинашното искуство со поплаките, за претстојните празници се организирани во вонредни екипи, кои и во текот на празниците и на викендите ќе вршат читање, сè со цел потрошувачите да добиваат сметки со реална, а не прогнозирана потрошувачка.

Од „Електродистрибуција“ велат дека од 1 декември годинава се проширени дигиталните опции за потрошувачите и е ставена во функција новата услуга за онлајн корекција на фактура, мобилизирани се вработените да им помогнат на потрошувачите во креирањето кориснички профил. Во исто време, достапни се и другите претходно воведени дигитални услуги како „Пријави состојба“, „Е-фактура“ и примена на ознаката на фактурата со О – читано или со М – проценета состојба, со што потрошувачите знаат точно дали добиваат сметка со реална потрошувачка или таа е базирана на проценета состојба.

Од РКЕ и од „Електродистрибуција“ упатија апел до потрошувачите да продолжат со одговорното трошење електрична енергија и во текот на зимскиот период.

ИЗДВОЕНИ