Митот за Електра, кој во својата основа ја има одмаздата на децата за убиениот татко, насочена кон сопствената мајка, одново ќе ги донесе на сцената вечните етички теми кои ги тангираат семејните релации, општествените корозии и потребата од катарза

Со европска премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, копродукциски проект на Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и НУ „Охридско лето“, вечерва се спушта завесата на јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Претставата ќе се одигра на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 21 часот.

-Оваа инсценација на митот за Електра има цел да создаде универзален сценски јазик чија парадигма се потпира на синтезата меѓу силните аудиовизуелни слики, говорот на телото и минималниот јазичен текст. Митот за Електра, кој во својата основа ја има одмаздата на децата за убиениот татко, насочена кон сопствената мајка, одново ќе ги донесе на сцената вечните етички теми кои ги тангираат семејните релации, општествените корозии и потребата од катарза, се вели за кон претставата.

Инаку, најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, фестивалот „Охридско лето“, годинава на своите сцени ги донесе најдобрите уметници од областа на клaсичната музика и театарот, а настаните се одвиваа пред исполнети гледалишта и за нив се бараше билет повеќе.

Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, е задоволен од квалитетот на програмата, но и од посетеноста на сите уметнички доживувања кои годинава беа ставени на репертоарот на фестивалот.

-Од самото спектакуларно отворање на 12 јули, морам да изразам огромно задоволство од тоа како помина целиот настан. Бевме препосетени, се бараше билет повеќе. Исто така, како институција, сме задоволни што бевме почестени од целиот државен врв, премиерот на државата, двајца претседатели на држави, целиот дипломатски кор во земјава и многу љубители на уметноста. Мојот впечаток е дека со самото отворање се создаде еуфорија дека во „Охридско лето“ како национална установа  влегува нова енергија којашто новиот директор, новите селектори и секако, тимот на фестивалот заеднички ја создаваат  и сите настани ни беа посетени до последно место. Жалам што некогаш ги враќавме љубителите на уметноста, но капацитетите ни се во ограничен број.Од една страна, ова е лична емоција, но од друга страна зборува  дека програмата беше навистина квалитетна и сме ја сработиле така како што треба и оти на градот, државата и туристите им понудивме она што навистина треба да претставува „Охридско лето“, вели Цуцковски.

Програмата, според него, не било тешко да се креира, а впечатоците за ова јубилејно издание ќе се средуваат дури по неговото завршување.

-Ние една вечер ги испраќавме ѕвездите во преполната сала, но следното утро  пречекувавме други и почнуваме со подготовки за друг концерт или театарска претстава така што сè уште траеше таа празнична еуфорија. Не беше тешко да се создаде програмата. Јас сум уметник со богата интернационална кариера, имам многу контакти, имаме одлични селектори, Симона Ѓорчева во музичкиот и Ненад Витанов во драмскиот дел. Ние како тим функционираме одлично и програмата ја направивме за нецели два месеци. Затоа успеавме да направиме прес-конференција во април пред моето заминување на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА) во Единбург и таму го презентиравме фестивалот како подготвен. Од аспект на реализиација, тука е секогаш тимот на „Охридско лето“ којшто беспрекорно си ја врши работата и мислам дека во десет месеци откако сум тука, успеавме да направиме синергија помеѓу мене и вработените и да функционираме како тим затоа што тоа беше и мојата првична идеја, кога ќе дојдам овде да бидеме тим што ќе работи заеднички за повисока цел, а тоа е нашето културно национално богатство, фестивалот „Охридско лето“ да го задржи и да го подигне нивото во светски размери, вели првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на Претседателот на Р.С.  Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а со финасиска поддршка од Владата преку ресорното министерство за култура и туризам. Во реализацијата на фестивалот помагаат Општина Охрид, како и бројни спонзори и љубители на уметноста.

ИЗДВОЕНИ