Во просек, секој ден по скоро еден нов мегават во последните четири години е вклучен на електроенергетскиот систем, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Во периодот октомври 2022 година до октомври 2025 година во Македонија се изградени нови капацитети кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 1.200 мегавати. Ова го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски на Регионалната конференција за зелена трансформација на Западен Балкан што се одржа во Тирана, Албанија.

– Производството на електрична енергија од сонце е реалност. Елдорадото на фотоволтаични централи ја најави енергетската транзиција што, пак, отвори процес на трансформација на електроенергетскиот сектор. Бројките се охрабрувачки, но периодот кој е пред нас е полн со предизвици, а еден од нив е и балансирање на системот кога е во прашање електричната енергија произведена од обновливи извори. Мораме во оваа фаза да делуваме и поттикнуваме инвестиции во енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија. Секако и употребата на батериите има своја улога, но неопходно е да е реализираат инвестиции со кои ќе се замени производството на струја од јаглен со гас или биомаса – истакна Бислимоски.

Дигитализацијата на административните процеси при прибавување на пропишаните дозволи и документи како предуслов за зголемување на бројот на инвестиции, беше една од клучните пораки на учесниците на Панелот посветен на тоа „Како до формирање на зони за побрза реализација на зелени инвестиции“.

Говорниците на конференцијата, меѓу кои енергетичари, економисти и функционери од извршната и локална власт на земјата домаќин, порачаа дека енергетската транзиција ќе биде успешна само доколку и домаќинствата ги почувствуваат ефектите, а не само индустријата. Мерки и реформи за паметна енергетската зелена иднина мора да биде цел за политиките кои ги водат земјите од регионот за полесно интегрирање со европскиот енергетски пазар.

ИЗДВОЕНИ