По поднесена пријава од страна на здружение за заштита на животни, утрово Агенцијата за храна и ветеринарство, во координација и во соработка со тимот на јавното претпријатие „Лајка“, спровела инспекциска контрола на местото на настанот и пристапила кон итно одземање на куче чувано во крајно нехумани и незаконски услови.

– Согласно со сведоштвата на соседите и поднесените докази, повеќе од две години кучето било чувано затворено во мал бокс, без пристап до пивка вода, со нерасчистен измет и хрането исклучиво со сув леб. Поради ваквите услови, животното е најдено во тешка и загрижувачка состојба – екстремно изгладнето, занемарено и деформирано до тој степен што едвај стои на нозе – информираат од ЈП „Лајка“.
Оттаму додаваат дека инспекциската служба констатирала сериозни нарушувања на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, по што била донесена одлука за итно одземање на животното и негово префрлање на понатамошна ветеринарна и хуманитарна грижа под надзор на претпријатието.
– Овој случај силно нè потсетува дека држење животно во нехумани услови е кривично и прекршочно дело, а не „начин на чување“. Сопствениците имаат законска и морална обврска да обезбедат соодветна грижа, храна, вода, простор и здравствена заштита. Занемарувањето е исто толку сериозен облик на насилство колку и физичкото малтретирање. Пријавувањето од страна на граѓаните е клучно за спречување на долготрајна злоупотреба и страдање – нагласуваат од ЈП „Лајка“.
Од претпријатието ги охрабруваат граѓаните и понатаму активно да пријавуваат случаи на злоупотреба и занемарување, со цел обезбедување навремена и ефективна заштита на животните.
(А. П.)












