Се очекува голема зимска бура, една од најголемите и најекстремните во последните години, да погоди повеќе од половина од Соединетите Американски Држави до крајот на неделата, носејќи обилни снежни врнежи и екстремно ниски температури, според метеоролозите.
Бурата ќе биде толку голема што се очекува снегот, лапавицата и замрзнатиот дожд што ги носи да погодат повеќе од 2.400 километри од територијата на САД, се очекуваат големи прекини во сообраќајот на патиштата и аеродромите во погодената област, а можни се и долгорочни прекини во снабдувањето со електрична енергија, особено поради ледената бура на југот од земјата, објавува Си-Ен-Ен.
Екстремниот студ ќе ја влоши бурата и нејзините последици со тоа што ќе предизвика снегот и мразот побрзо да се акумулираат на патиштата, што ќе го отежни нивното расчистување и можно е оние што ќе останат без електрична енергија со денови да останат без греење.
Се предвидува дека снегот и мразот ќе почнат да се формираат над рамнините на централниот и јужниот дел на Соединетите Американски Држави почнувајќи од денеска, додека бурата се интензивира, протегајќи се од Оклахома и северен Тексас до Северна Каролина, Вирџинија и Мериленд до сабота навечер.
Се очекува снежните врнежи да продолжат до недела навечер на североистокот на земјата.
Предупредувања за зимска бура се издадени за повеќе од 70 милиони луѓе во делови од 20 држави, а се очекуваат повеќе во наредните денови.












