Експлозивни направи се пронајдени во близина на електраната Јеншвалде во германската покраина Бранденбург, јавуваат германските медиуми. Полицијата зборува за можно оштетување на далноводите, но нагласува дека нема опасност за населението.
Според полицијата, можно оштетување на водовите е откриено во трафостаница во Турнов-Прајлак утрово околу 8 часот. Трафостаницата дистрибуира електрична енергија произведена во термоцентралата Јеншвалде, пишува „Дојче веле“.
„Се обезбедуваат траги“, изјави портпаролката на полицијата.
Експерти за деактивирање на експлозивни направи се исто така на местото на настанот.
Полицијата нагласува дека го сфаќа инцидентот „многу сериозно“. Портпаролката, исто така, изјави дека станува збор за „неконвенционален експлозив и запалив уред“.
Весникот „Меркише Алгемајне“ пишува дека полицајците пронашле повеќе ракетни лансери полни со експлозиви на земја, а потоа ги деактивирале. Според весникот, на редакцијата ѝ била доставена фотографија од еден од наводно рачно изработените уреди.
Според истите информации, трафостаницата требало да биде погодена на неколку места. Целта, наводно, била да се предизвика голем прекин на електричната енергија во Блок Е на термоцентралата на јаглен.
Операторот на електричната мрежа 50Hertz изјавил за јавниот сервис RBB дека и покрај инцидентот, снабдувањето со електрична енергија не е загрозено.












