Младата регионална сензација, Јаков Јозиновиќ, вечерва за првпат настапи пред македонската публика во рамки на својата прва регионална турнеја „Ja za cuda letim“.

Момчето кое со молскавична брзина го освојува регионот целосно ја исполни салата „Јане Сандански“, го крена Скопје на нозе и ја доведе публиката до „екстаза“. Секој еден пее заедно со него поведен од звукот и од атмосферата која не се раскажува, туку само се доживува.

Големо задоволство за македонската публика беше што Јаков, кој по мајка е охриѓанец, запеа на македонски.

Неговата изведба на песната „Боже чувај ја од зло“, од Тоше Проески, на македонски јазик, беше посебно изненадување за сечие срце.

Јозиновиќ уште еднаш покажа дека знае да допре до секого и со глас и со харизма на која никој не останува рамнодушен.

Неколку часа пред својот прв настап пред македонската публика, тој се огласи на социјалните мрежи – кажа дека е во Скопје и е подготвен за вечерашниот концерт за кој предходно беше објавено дека е целосно распродаден.













