Во пожар што избувна во деловна зграда во Џакарта во понеделник загинаа најмалку 22 лица, соопшти градската полиција.
Шефот на полицијата во Џакарта, Сусатја Пурнома Кондра, изјави дека пожарот во седумкатната зграда во индонезискиот главен град избувнал околу пладне по локално време во понеделник, додека некои работници ручале, објави Ројтерс.
Полицијата верува дека пожарот започнал откако експлодирала батерија на првиот кат од зградата, во која се наоѓа и компанија за беспилотни летала, пред да се прошири на повисоките катови.
Сусатја изјави дека повеќето од загинатите биле жени, од кои една била бремена, и дека веројатно починале од вдишување чад, а не од изгореници.
Дваесет и осум противпожарни возила и околу 100 луѓе биле вклучени во гаснењето на пожарот, а вработените во зградата што била зафатена од пламен биле спасени со помош на воздушни скали.
Сусатјо изјави дека пристапот до шестиот кат, откако пожарот бил изгаснат, бил „особено тежок“.
Тој рече дека полицијата „сè уште собира информации“, но дека засега се „фокусираат на идентификување на пронајдените жртви“.
Компанијата чии простории се осомничени дека се местото на пожарот е индонезиската подружница на јапонската компанија „Тера Дроун Корпорејшн“, која обезбедува услуги со дронови за индустриски клиенти, од аерофотографирање и мапирање до инспекција и земјоделство.












