Проф. д-р Ѓоко Муратовски, светски признат експерт од областа на дизајнот и иновациите, утре (22 октомври) во 12.30 часот ќе одржи мастер клас на тема „Лидерство во дизајнот“ во амфитеатарот на Европскиот универзитет – Скопје.
„Во денешниот брзо променлив пазарен пејзаж, дизајнот веќе не е ограничен само на естетика или решавање проблеми – тој претставува стратешки деловен ресурс и алатка за поттикнување општествени трансформации. Овој мастер клас ќе го претстави концептот на лидерство во дизајнот како практика што ги поврзува дизајнот, истражувањето и иновациите со деловната стратегија. Учесниците ќе стекнат увид во тоа како дизајнот треба да се интегрира во пошироките организациски стратегии за зголемување на конкурентноста, поттикнување на иновации и создавање вредност“, се вели во најавата на настанот.
Проф. д-р Ѓоко Муратовски е наградуван дизајнер, истражувач и консултант за иновации кој соработува со универзитети, компании од Fortune 500-листата и различни влади низ целиот свет. Магистрирал на Националната академија за уметности во Берген, Норвешка на тема „Визуелни комуникации“. Докторирал на Универзитетот на Јужна Австралија во Австралија на тема „Дизајн истражување и стратегии за корпорациски комуникации“. Тој е поканет да биде член на бројни организации со водечко влијание, како што се Forbes Councils, Stanford Institute for Innovation in Developing Economies, Oxford University Society, Oxford Digital Leaders Network, Yale Higher Education Leadership Summit и програмата на Белата куќа – Presidential Innovation Fellows. Тој, исто така, е главен директор за иновации (Chief Innovation Officer) во италијанската консултантска компанија за автомобилски дизајн, „Икона дизајнн груп“, чии клиенти вклучуваат познати трговски имиња како „Ламборгини“, „Алфа Ромео“, „Масерати“ и многу други.