Професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, вели дека е крајно време да се преземат нови и поригорозни мерки за оние што не ги почитуваат правилата, почнувајќи од одземање на лиценците до забрана за вршење дејност од областа на градежништвото.

– Ако проектот е добар и ако правилно се врши ископот, тогаш не би требало да дојде до обрушување. Треба да се направи заштитен ѕид  од шипови (колови). Главниот ископ се прави откако ќе се набијат коловите. Мора да се води сметка и за тоа дали прснала цевка со вода, бидејќи може да се растопи земјиштето и да дојде до негово лизгање. Притоа, не можам да тврдам дали била заштитена јамата – вели директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, Михаил Гаревски. Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора за најголем проблем го смета тоа што во градежништвото има луѓе што немале никаков контакт со него

Инцидентот на улицата „Христо Смирненски“, каде што при вршење ископ на дупка за изградба на зграда со  багер, ангажиран од фирма инвеститор, настанало свлечиште на земјата, при што бил затрупан багерот, но лицето што го управувало навреме излегло, оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера, која оштетила возило „дачија сандеро“, сопственост на Е. М., ја разбранува јавноста и повторно го отвори прашањето за тоа колку се безбедни градилиштата, колку се води сметка за оние што работат на нив, но и колку се почитуваат законите за урбанистичко планирање и за градење.

Експертите се децидни дека не функционира системот во целост, не се почитуваат градежните норми, а необезбедените градилишта ја доведуваат поблиската и подалечната околина во опасност.

Професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, вели дека системот се претвора во свлечиште што го предизвикува нестандардизираната градба на новите објекти.

Марковски вели дека е очигледно оти се работи за непочитување на  градежните норми, правила и прописи, со што и поблиската и подалечната околина се доведуваат во опасност.

– Крајно време е да се преземат нови и поригорозни мерки за оние што не ги почитуваат правилата, почнувајќи од одземање на лиценците до забрана за вршење дејност од областа на градежништвото. Тоа се однесува најмногу на инвеститорите – дециден е Марковски, нагласувајќи дека не учиме од грешките. 

Тој додаде дека пред еден месец, на градилиште на улицата „Козјак“, загина еден човек, а тројца беа повредени, а сега, како што вели, чиста случајност е што нема повредени.

– Совеста и свеста исчезнаа како категории – смета Марковски.

Директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, Михаил Гаревски, објаснува дека доколку се копа подлабока јама од 8 метри, мора да се направат геомеханички испитувања, но мора и да има добар проект.

– Ако е добар проектот и ако правилно се врши ископот, тогаш не би требало да дојде до обрушување. Треба да се направи заштитен ѕид од шипови (колови). Главниот ископ се прави откако ќе се набијат коловите. Мора да се води сметка и за тоа дали прснала цевка со вода, бидејќи може да се растопи земјиштето и да дојде до негово лизгање. Притоа, не можам да тврдам дали била заштитена јамата – вели Гаревски.

Тој додава дека е ризично да се копа толкава јама во близина на друга зграда.

– Темелот на стара зграда виси под земјиштето, постои опасност за нејзината стабилност – нагласува Гаревски.

Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора за најголем проблем го смета проблемот што во градежништвото има луѓе што немале никаков контакт со него.

– Треба да се почитуваат сите правила во градежништвото, во согласност со Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Инвеститорите немаат никаква организација при градењето. Немаат фирма со лиценци што ќе ги изведува работите. А треба да имаат и раководител на градилиштето – инженер. Каде е, пак, надзорниот орган, кој не треба да дозволи да се работи на необезбедена јама? – нагласува Велковски.

Тој е дециден и вели дека се работи паушално.

– Инвеститорот има пари и тој може да гради. Никој не е против инвеститорите што вложуваат пари, но мора да се почитуваат правилата. Мора да има на градилиштето куќарка со канцеларија во која ќе биде раководителот на објектот што се гради – наведува Велковски.

Од Општина Центар денеска информираат дека во текот на вчерашниот и денешниот ден нивните инспекциски служби, во координација со Министерството за внатрешни работи, Државниот градежен инспекторат и стручните служби од Секторот за урбанизам, постапувале на терен по инцидентот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, каде што било евидентирано свлечиште и оштетување на јавна површина и инфраструктура во непосредна близина на градежен зафат.

– При извршениот увид, констатирани се оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализациската мрежа и на уличното осветлување, како и низа неправилности во однос на изведбата на објектот. Инспекциските служби утврдија дека постои свлечиште на земјиштето, по што веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции согласно со Законот за комунални дејности, поради непочитување на законските обврски и предизвикување штета врз јавната инфраструктура – соопштија од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека паралелно со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар презеле итни мерки за обезбедување на локацијата.

– Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор, особено имајќи предвид дека градилиштето се наоѓа во непосредна близина на станбени објекти – информираат од локалната самоуправа.

Во текот на вчерашниот ден, на терен бил повикан и државен градежен инспектор, кој заедно со стручните служби на Општина Центар констатирал дополнителни неправилности поврзани со изведбата на градежните активности. Истовремено, Општина Центар контактирала и со професори од Градежниот факултет и побарала стручна експертиза и мислење за настанатата состојба и за можните ризици.

Во врска со случајот, од страна на Општина Центар до Основното јавно обвинителство било доставено и официјално известување, со цел понатамошно постапување во рамките на неговите надлежности.

– Дополнително, од страна на градежниот инспектор на Општина Центар ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а Општина Центар ќе побара и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување, согласно со законските прописи. За случајот ќе следуваат и соодветни пријави и постапки пред сите надлежни институции – објаснуваат од локалната самоуправа.

Притоа, наведуваат дека нема да толерираат несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститорите, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор.

– Инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за санација врз основа на експертизата од Градежниот факултет и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба – децидни се од Општина Центар, потенцирајќи дека ќе останат на терен и будно ќе го следат случајот сè до целосно отстранување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните.

Од МВР информираа дека настанало свлечиште на земја во Општина Центар, при вршење ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина багер, при што бил затрупан багерот, но лицето што го управувало навреме излегло. Нагласија дека за инцидентот се известени Центарот за управување со кризи, ЕВН и други институции, а на местото на настанот биле упатени полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Пред три години, поради градежни работи за нова зграда, пропадна и улицата „9 Мај“ зад Универзална сала.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ