Алармантната состојба со водата за пиење во селото Шум отвори една од најсериозните еколошки и институционални дилеми во регионот на Општина Струга: дали загадувањето е резултат само на природни фактори или станува збор за долгогодишна негрижа и системски пропусти?
Екипа експерти од Градежниот факултет – Скопје, односно од Катедрата за водоснабдување, канализација и мелиорации, денеска започнаа со теренско истражување и анализа на состојбата во селото за да утврдат дали заматувањето на водата е природен феномен или е замешан човечки фактор. Тимот го предводи проф. д-р Петко Пеливаноски, кој заедно со уште двајца стручњаци врши професионална процена на моменталната состојба на изворите. Експертите треба да изготват првичен извештај со конкретни констатации и предлог-мерки за надминување на проблемот и за заштита на водата за пиење, прашање што директно го засега здравјето на жителите.
Токму за овој проблем денеска се одржа вонредна седница на Советот на Општина Струга, на која градоначалникот Менди Ќура информираше дека според досегашните анализи, состојбата е резултат на два фактори: природен и човечки.
Додека земјотресите и природните поместувања можеле да придонесат за нарушување на теренот, според него и според првичните експертски согледувања, човечкиот фактор се наметнува како главен причинител.
– Констатиравме дека ископувањата извршени од две компании низ годините се евидентни и многу веројатно се главната причина за штетата. Таму има длабоки ископувања и оштетувања, кои тешко ќе може да се санираат – изјави Ќура.
Според него, со години било дозволувано ископување во чувствителна зона, без утврдени и почитувани критериуми за заштита на изворот.
Како што беше посочено, повеќе од десет години се вршело ископување без јасно дефинирана и спроведена заштитна зона од еден километар околу изворот – обврска што подразбира три степени на заштита: зона од 300 метри со строга забрана за активности, зона од 600 метри и поширока зона до еден километар.
Ниту една од овие зони, според изнесеното, не била соодветно оградена и физички заштитена. Дополнително, една од компаниите добила дозвола за ископување токму во чувствителна област, што го отвора прашањето за законитоста и за одговорноста на институциите.
Општината информира дека се поднесени пријави до здравствениот и до санитарниот инспекторат, полицијата и Обвинителството, како и до надлежните општински служби. Активностите на компаниите што вршеле ископување се запрени, а ангажирана е и приватна стручна компанија за дополнителни анализи.
Проблемот со водата во Шум повеќе не е само локален комунален предизвик туку и прашање на јавното здравје и на еколошката одговорност.
– Штетата е правена со години, а нам ни останува да ја санираме состојбата. Но, без да се занемари кривичната одговорност на виновниците – порача Ќура, барајќи одговорност од сите што дозволиле оштетување на екосистемот.
Во очекување на првичниот извештај од експертскиот тим, јавноста останува со отвореното прашање: дали случајот со Шум ќе стане пресвртница во управувањето со природните ресурси или ќе остане уште една еколошка лекција научена предоцна?
(С. Бл.)











