Групната изложба „Цртеж, експериментален цртеж“, со дела на 42 македонски уметници, денеска, 19 септември, во 18:30 часот, ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Софија.
– Современиот третман на цртежот во глобални рамки доживеа длабока промена – од подготвителен дел на процес медиум во самостојна, концептуална уметничка практика. Цртежот, како базичен израз во визуелниот говор, доживува длабоко преиспитување на авторството, идентитетот и на коментарот како во глобални така и во делата на современите автори од Македонија. Тој станува јазик за мапирање на телото, психата и на длабоките емоции со општествени коментари: ги спојува личните наративи со социополитичката критика и со рефлексијата. Уметниците го ослободуваат цртањето од традиционалните ограничувања, прифаќајќи го не само како алатка за претставување туку и како нов простор за истражување и интервенција – вели проф. д-р Маја Рауник-Кирков, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ.
Според Кирков, на оваа традиционална изложба „Цртеж, експериментален цртеж“ ќе бидат претставени дела како во традиционална смисла така цртежи што претставуваат концепт и длабока рефлексија и отстапуваат од воспоставените норми.
– Годинава, во претставените дела, цртањето ги отвора новите простори со преиспитување на површината и трајноста на хартијата како фундамент на овој ликовен медиум. Уметниците презентираат цртање со нетрадиционални материјали: чад, конец, метална жица, силиконско лепило…. Во други дела, уметниците истражуваат гест и процес, третирајќи го чинот на цртање како
перформативен и на тој начин вклучен во секојдневната реалност, но не разбрана како илустрација туку како размислување преку процесот – додава Кирков.